Раните не се затворија, сега се уште подлабоки
Во „Паркот на револуцијата“ во Кочани 63 бели столчиња со по една бела роза на нив, со имињата на младите луѓе и нивниот датум на раѓање. Оваа сцена беше меѓу најтрогателните од тридневното одбележување на годишнината од една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија, во која покрај 63 жртви, беа повредени и повеќе од 200, претежно млади луѓе, кога за неколку минути се пеплоса дискотеката „Пулс“ од искрите на пиротехниката употребена за време на концертот на групата ДНК.
Препорачано
Спроти белите столчиња седеа родителите на младите загинати, со вперени погледи кон празнината. Многубројни делегации, амбасади, градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата Венко Филипче и други се потпишуваа во книгата на жалост.
Со згрчени лица од болка и солзи што не можат да запрат родителите и најблиските потоа на комеморација во Домот на културата во Кочани ги слушаа имињата на своите трагично загинати деца и нивните животни приказни што завршија во пожарот.
По азбучен ред се читаа имињата и соништата на Андреј, Александар, Надица, Томас, Кети, Спиро… на комеморацијата што се одржа во Кочани по повод големата трагедија. Се слушаше за нивната младост, добрина и храброст, за нивните планови да бидат идни фудбалери, фотографи, програмери, механичари, дизајнери, доктори додека се гледаа фотографии и видеа на кои се насмеани и полни со живот.
ВИДЕО | „Слободен печат“ во Кочани, градот на тагата и гневот – година помина, болката никако
– Кочани изгуби 63 бисери, идни мајки и татковци, изгубивме цела генерација. Раните не само што не се затворија, туку станаа подлабоки. Не можевме да ги заштитиме од смртта, но може да го зачуваме сеќавањето за нив. Изгубивме идни инженери, доктори, бизнисмени, наставници, занаетчии, работници, идни мајки и татковци. Изгубивме цела генерација млади луѓе што требаше да бидат иднината на нашата држава. Трагедијата што го потресе Кочани е рана за целото наше општество. Таа сите нè направи кревки и ранливи, нè соочи со смртта одблиску и ни покажа колку е тенка границата помеѓу животот и смртта, колку е непредвидлив животот и колку е нужно да се избегнува сето зло на земјата и да се следи доброто, колку сме си важни едни на други и во добро и во зло – беше кажано на комеморацијата.
Во Центарот за култура „Бели мугри“ громогласна беше тишината која повремено беше прекинувана од воздишки на јад и тивок плач.
– Помина една година, а раните не само што не се затвораат, туку стануваат подлабоки и пострашни. Годината што измина само успеа да го соочи Кочани со страшната вистина дека засекогаш ги нема. Не можевме да ги заштитиме од смртта, но можеме да го зачуваме споменот за нив, да споменуваме дека имаме чета ангели на небото, кои се молат за нас и да се гордееме што ги имавме со нас на земјата како наши чеда, браќа и сестри, роднини, пријатели – беше една од пораките од комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“
Трагедија што засекогаш ќе остане дел од болката на македонскиот народ
По одржувањето на комеморативниот настан, присутните го посетија и меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“ во чест на жртвите од несреќата.
Потсетување на трагичниот настан како опомена за во иднина да не се повтори, се случи и пред дискотеката, точно во 2:32 часот по полноќ, кога се случи несреќата, вечерта на 15-ти спроти 16-ти март.
Пред присутните на собирот, организиран од Здружението „16 март 2025 Кочани“, се обрати активистот Борјан Ефтимов, кој упати емотивни зборови до семејствата и ја истакна важноста на истрајноста во потрагата по правда.
Згрчени од болка, најблиските ги слушаат имињата на загинатите и нивните згаснати животни приказни
– Трагедија што засекогаш ќе остане дел од болката на македонскиот народ. Борбата на обичниот човек за правда е борба за помнење наспроти заборавот. Сите ние сме заедно во ова. Заедно почнавме и заедно ќе продолжиме. Сакам да се погледнете сите помеѓу вас. Токму вие, семејствата и пријателите, покажавте што значи да не се заборави. Покажавте што значи љубов. Покажавте што значи грижа. Сите ние, секој на свој начин, го продолжуваме споменот, животот и меморијата на ангелите што ги загубивме на 16 март. Како што Чемерски, камен по камен, го создал вечниот Мозаик на слободата, така и ние, со нашите дела, борба грижа и љубов, го креираме мозаикот преку којшто ангелите ќе продолжат да живеат во вечноста и сеќавањето на македонскиот народ. Ве повикувам со петминутен молк да се потсетиме на жртвите и да се потсетиме зошто не смее да заборавиме – истакна Ефтимов.
Со минута почит, свеќи и многу емоции, родителите и блиските им оддадоа почит на Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Ѓорѓи Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Ѓоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска-Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев.
Беџ со скршено срце за премиерот
Премиерот се ракуваше со ожалостените родители што стоеја покрај книгата на жалост. Габриела Наунова, мајката на загинатата Надица Наунова, на премиерот му стави беџ со скршено срце на кое пишува „Кочани 16.3.2025“.
– Денеска во Кочани оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа – објави Мицкоски на „Фејсбук“.
Тој се потпиша во книгата на жалост и изрази длабоко сочувство кон семејствата на загинатите.
– Со голема почит се потпишав во книгата на жалост како искрен чин на почит кон настраданите и како израз на солидарност со нивните семејства и присуствував на комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ во Центарот за култура „Бели мугри“. Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единството нека бидат сила што ќе нè води напред. Со длабоко сочувство кон семејствата, Кочани памети, Македонија памети – истакна Мицкоски.


