Рамиз мерка

Арогантниот Рамиз не смее да е единица мерка за кандидат за градоначалник, макар самиот тој да мерка уште еден мандат. Помина времето на македонската верзија на Боро и Рамиз. Од тоа криминално „братство и единство“, Стојчев заврши во затвор, а досиејата на Мерко „бесконечно“ долго се чуваат во фиоките на обвинителствата.

„Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори. Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности што умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба. Меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадеме уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржиме во вториот круг“, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук, по средбата со Али Ахмети, лидер на ДУИ, партијата што е најголем коалициски партнер на владејачката СДСМ во Владата.

Ова укажува дека допрва ќе се усогласува урнекот за ликот и делото на идните кандидати, иако се шпекулира дека албанските партии што се партнери во коалициската влада, може да му свртат грб на премиерот ако СДСМ не го поддржи нивниот претставник на изборите за локална самоуправа во Тетово и во некои други градови со албанско мнозинство.

Во четвртокот, кога се одржа средбата на двајцата партиски лидери, беше објавена и веста дека против актуелниот струшки градоначалник од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко, е поднесено ново обвинение од Антикорупциската комисија, иако против него веќе се водат повеќе предистражни постапки за сомнителни јавни набавки, нерационални трошењa, набавки на возила и нелегална продажба на објекти. Не знам дали Заев му го побарал на Ахмети списокот на ДУИ со кандидати за градоначалници, но ако „интегративците“ останат со досегашните нивни „фаворити“, а Заев опстане на неговата „платформа“ за профилот на заедничките кандидати, не само Мерко, туку и слични, со „блеримовски платформи“, ќе треба да бидат пречкртани. И Заев треба да остане доследен, па и од неговиот список да избрише криминалци од рангот на шверцерот на цигари Боро Стојчев, кој даде оставка пред три години како градоначалник на Ново Село, откако цела година ја водеше општината со правосилно условна пресуда во своето портфолио.

Претстојните локални избори се шанса за партиите од власта да покажат дека се подготвени да се збогуваат од локалните шерифи. На „зелените интегративци“ можеби конечно ќе им стане јасно дека им треба градоначалник што нема да се спротивставува на централната власт кога бара заштита на природното и културно наследство на Охридскиот Регион и да не се заканува со граѓанска непослушност ако им се уриваат дивоградбите на стружани. Новиот „популизам“ треба да се заснова на повик на граѓанска непослушност поради изградба на мала хидроцентрала, како таа во Горна Белица, на пример, што се поврзува со неисправната вода за пиење при секој поголем дожд во Струга.

На граѓаните им е преку глава од тоа транзициски да бидат пренесувани жедни преку вода. Тие бараат трајно решавање на проблемите за да не влечкаат секое лето вода во пластични шишиња наточена од цистерна во ерата на вселенските летови на Маск, Бренсон и Безос. Антикрупциска напразно поднесува кривични колку нови автомобили купиле општините додека во исто време противпожарните возила добиваат музејска вредност, а им расте и милионскиот долг што подоцна ќе треба да го покрива централната власт, поточно сите даночни обврзници. Решавањето на проблемите од комуналната сфера не смее повторно да падне во сенка на големите договори за „стратешко автопатско партнерство“ или легализација на дивоградби.

Помина времето на македонската верзија на Боро и Рамиз. Од тоа криминално „братство и единство“, Боро Стојчев заврши во затвор, а досиејата на Рамиз Мерко „бесконечно“ долго се чуваат во фиоките на обвинителствата.

Арогантниот Рамиз не смее да е единица мерка за кандидат за градоначалник, макар самиот тој да мерка уште еден градоначалнички мандат. По цена на тоа во „третиот круг“, оној што ќе уследи подоцна во Собранието, да мора да се оди по жица за да се сочува тенкото парламентарно мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот