Ракометарите рутински со Грција за прво место во групата
Машката ракометна репрезентација очекувано со победат ги заврши квалификациите за пласман на ЕП 2020 година. Во салата „Парк“ во Струмица, ракометарите со 27:23 ја совладаа Грција и го заверија првото место во групата 3 со кое обезбедија место во вториот барабан во ждрепката за групната фаза на ЕП кое ќе се игра во Австрија, Шведска и Норвешка.
Победата над јужниот сосед воедно претставува и одмазда за поразот од Кожани.
Препорачано
Избраниците на селекторот Данило Брестовац во грч го започнаа натпреварот, грешките беа почести и гостинските ракометари во првата половина успеаја да дојдат и до предност од три голови (3:6,5:8).
Сепак, по консолидацијата на играта на Македонија, работите почнаа да го добиваат посакуваниот идход и веќе од 26 минута благодарение на голот на Жарко Пешевски, „црвено-жолтите“ поведоа со 11:10. До полувремето, предноста беше зголемена за еден гол (13:11).
Во второто полувреме, со двата гола на отворањето, Македонија поведе со 15:11 и до крајот на наптреварот, рутински ја одржуваше предноста.
Кире Лазаров беше најпрецизен со постигнати шест голови, додека Филип Талески и Жарко Пешевски дадоа по еден помалку. На голот блескаше Никола Митревски со 11 одбрани. Кај Грција, Цирис даде шест голови, а на голот Буковинас имаше 14 одбранети шутеви.


