ВИДЕО: Ракетата „Старшип“ на Илон Маск експлодира само четири минути по лансирањето

Фото: Твитер

Компанијата на Илон Маск, „Спејс Икс“ (SpaceX) денеска за прв пат успешно ја лансираше ракетата „Старшип“ (Starship) од новата генерација, но таа експлодира во воздухот само неколку минути подоцна.

Ракетата висока 120 метри беше лансирана на својот прв пробен лет без екипаж од полигонот на „Спејс Икс“ кај Браунсвил, во Тексас.

„Спејс Икс“ се надеваше дека ќе лета во најдобар случај 90 минути. Меѓутоа, по помалку од четири минути лет, горната етапа на ракетата не се одвоила од долната етапа и леталото експлодирало.

И покрај ова, претставниците на „Спејс Икс“ беа задоволни од успешното лансирање и ја прогласија кратката епизода за успешен пробен лет.

„Честитки до екипажот на „Спејс Икс“ за овој одличен пример на пробен лет. Научивме многу за идниот пробен лет што ќе следи за неколку месеци“, напиша Маск на Твитер.

На Твитер е објавена снимка од последните секунди од летот на ракетата, на која се гледа како таа почнува неконтролирано се врти, пред да се запали и да експлодира.

Американската вселенска агенција НАСА го избра вселенското летало „Старшип“ за превоз на астронаути на Месечината на крајот на 2025 година. Мисијата позната како Артемис III е прва таква мисија од крајот на програмата Аполо во 1972 година.

НАСА ќе носи астронаути во орбитата на Месечината во ноември 2024 година користејќи ја сопствената ракета „Систем за вселенско лансирање“ (Space Launch System), која се развива повеќе од една деценија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот