фото: seha-liga.com

Радивојевиќ: Потпишувам дека во Битола ќе има најдобра атмосфера во ракометната ЛШ

В среда од 18.45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола актуелниот македонски ракометен првак Еурофарм Пелистер ќе го има својот прв натпревар против норвешкиот Колштад во Лигата на шампионите.

Во групата „А“ од ЛШ, покрај Еурофарм Пелистер и Колштад, се и екипите на Алборг (Данска), Кил (Германија), Пик Сегед (Унгарија), ППД Загреб (Хрватска), ПСЖ (Франција) и Келце (Полска).

Едно од најголемите засилувања на тимот ова лето, Богдан Радивојевиќ вели дека клубот има голема шанса да направи нешто големо во ова елитно ЕХФ клупско натпреварување:

– Драго ми е што дојдов и што се приклучив кон екипата, за да се подготвиме за она што ни претстои. Имавме натпревари во Истанбул, со кои не сме задоволни и свесни сме дека некои работи мора да се поправат. За жал загубивме и на првиот важен натпревар против Вардар 1961 во Суперкупот. Лесно е сега да се биде паметен, сите знаевме каде грешевме и што треба да поправиме. Најмногу жалиме за навивачите што поминаа долг пат да нè поддржат, а не можевме да ги наградиме со победа. Сега напорно работиме за Колштад и да ја отвориме Лигата на шампионите со два бода.

На секој играч цел му е да игра во Лигата на шампионите. Имаме голема шанса да направиме нешто големо. Битола и Македонија живеат за ракометот и тоа сите го гледаме и мора да го почитуваме. Потпишувам дека ќе имаме далеку најдобра атмосфера на натпреварите и тоа треба да го искористиме и мора да научиме да се носиме со притисокот. Да го пренесеме тој притисок на позитива, а не да се уплашиме. Имаме далеку најдобри навивачи во Лигата на шампионите и тоа мора да го искористиме – рече Радивојевиќ за клупскиот сајт.

Своите очекувања ги сподели уште еден нов ракометар на Еурофарм Пелистер, Домен Тајник:

– Откако дојдов во клубот, добро сум прифатен. Го загубивме Суперкупот, но верувам дека ќе биде подобро. Екипата е нова и ни треба воигрување. Се надевам дека на тренинзите ќе ги поправиме грешките. Верувам дека против Колштад ќе бидеме на ниво и ќе победиме. Лигата на шампионите е сон на секој ракометар. Еурофарм Пелистер е добра екипа која може да игра против секој противник и се надевам дека ќе дадеме сè од себе. Дома, пред полна сала, можеме да изненадиме секого – се зборовите на Тајник.

Ракометната ЛШ се враќа на МРТ, натпреварите на Еурофарм Пелистер ќе ги гледаме на македонски јазик

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот