Македонската делегација на средба со Шаика ал Новаис

Работна посета на Кралството Шпанија носи нов импулс за развој на туризмот во Македонија

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја предводи македонската делегација во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, на 21 јануари во Мадрид остварил значајна средба со Шаика ал Новаис, генерален секретар на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO).

Средбата поминала во пријатна и работна атмосфера, при што биле разгледани можностите за унапредување на соработката и поддршката во процесот на одржлив туристички развој.

Министерот Љутков упатил честитки до Ал Новаис по повод нејзиниот избор за генерален секретар, нагласувајќи ја клучната улога на UNWTO во промовирањето на туризмот како двигател на одржлив развој, економски раст и меѓународна соработка, особено во услови на глобални предизвици за туристичкиот сектор.

Тој истакнал дека Владата стратешки го препознава туризмот како значаен економски сектор, што резултираше со негово вклучување во Министерството за култура, со цел воспоставување системски пристап и поефикасно управување со туристичките политики. Во таа насока, министерот информирал дека се работи на подготовка на нова Стратегија за туризам како клучен документ за понатамошен развој на секторот.

Средба на министерот Зоран Љутков со Шаика ал Новаис, генерален секретар на Светската туристичка организација на Обединетите нации

На средбата станало збор за улогата на туризмот во рамномерниот регионален развој, валоризацијата и заштитата на културното наследство, развојот на руралните подрачја и зголемувањето на конкурентноста на туристичката понуда. Посебен акцент бил ставен на потребата од системско евидентирање на туристичките ресурси и воведување индикатори за мерење на туристичкиот потенцијал по региони.

Било нагласено и значењето на полноправното членство на Македонија во UNWTO, како и можноста експерти на Организацијата да се вклучат во процесите на едукација и јакнење на кадрите во туризмот, со цел унапредување на квалитетот и професионалноста во секторот. Средбата била оценета како значајна основа за понатамошно продлабочување на соработката меѓу Македонија и UNWTO во наредниот период.

Работна средба со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан

Претходно, министерот Љутков остварил и работна средба со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан. На средбата била изразена подготвеност за продлабочување на билатералната соработка во туризмот, како продолжение на разговорите започнати на Конференцијата КОП29 во Баку, при што биле разгледани можностите за отворање нов туристички пазар, потпишување Меморандум за разбирање, организирање B2B-средби и промоција на туристичката понуда на Македонија, со акцент на културен, верски, ено-гастро и активен туризам.

Во рамките на посетата, министерот Љутков на 22 јануари ќе присуствува на свеченото отворање на Меѓународниот саем за туризам „FITUR 2026“, што ќе се одржи во присуство на шпанскиот крал Фелипе VI и кралицата Летиција.

Активностите во рамките на Меѓународниот саем за туризам „FITUR 2026“ ја потврдуваат определбата на Министерството за култура и туризам за интензивна меѓународна соработка, зајакнување на институционалните капацитети и позиционирање на Македонија како атрактивна, конкурентна и одржлива туристичка дестинација во текот на целата година, известија од Министерството за култура и туризам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот