Фото: PSG

ПСЖ ја продолжи жетвата на трофеи – освоен и Интерконтиненталниот куп

Фудбалерите на Пари Сен Жермен го освоија Интерконтиненталниот куп, откако во финалето го совладаа Фламенго по подобро изведување на пенали. По 90 и 120 минути игра резултатот беше 1:1, а во пенал-серијата парижани славеа со 2:1.

На најдобар можен начин ПСЖ ја круниса историската 2025 година – сезона во која „светците“ освоија пет трофеи, дополнети и со две големи индивидуални награди за Усман Дембеле. Петтиот трофеј беше освоен во Катар, каде што ПСЖ беше поуспешен од бразилскиот Фламенго во финалето на Интерконтиненталниот куп.

Иако ФИФА неодамна ги призна сите поранешни освојувачи на Интерконтиненталниот куп како светски шампиони, овојпат тоа нема реална тежина, бидејќи летово се одржа и Светското клупско првенство. Токму таму ПСЖ стигна до финалето, но загуби од Челси, кој ја понесе титулата светски шампион.

Како европски шампион, ПСЖ директно играше финале, додека Фламенго мораше да мине две рунди. Свежината се очекуваше да биде на страната на францускиот тим, кој уште во деветтата минута постигна гол преку Фабијан Руис, но истиот беше поништен по интервенција на ВАР. Сепак, ПСЖ поведе пред паузата – Квича Кварацхелија погоди во 38. минута.

Фламенго не се предаде и во 62. минута доби пенал, кој сигурно го реализираше Жоржињо за израмнување. Свесен дека ситуацијата станува сериозна, Луис Енрике го внесе Усман Дембеле, но до крајот на регуларниот дел немаше нови голови, па следуваа продолженија. Ниту по дополнителните 30 минути немаше промена, па победникот беше решен со пенали.

Во првата серија погодија Витиња за ПСЖ и Де ла Круз за Фламенго. Потоа голманот Матвеј Сафонов одбрани удар, но Дембеле возврати со промашување. Фламенго продолжи да греши, а Сафонов повторно беше херој со уште една одбрана. Серијата промашувања ја прекина Нуно Мендеш, по што Сафонов одбрани уште два пенала и му го донесе новиот трофеј на ПСЖ, кој беше врачeн од Марко Матераци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот