ПССЕ предупредува на можна злоупотреба на државните ресурси за време на изборната кампања

Периодот пред изборите е стабилен и се очекува изборите да ги исполнат демократските стандарди, оценува Предизборна делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ). Оттаму забележуваат дека постои загриженост за одредени аспекти на изборниот процес, вклучително и изборната правна рамка како и прилично слабото регулирање на правилата за финансирање на кампањите.

Делегацијата истакна дека иако досега нема знаци за масовна злоупотреба на државните ресурси, постои загриженост дека тоа сепак може да се случи за време на изборната кампања. Се слушна и за можни притисоци врз вработените во јавниот сектор, како и врз затворениците во затворите.

Во соопштение до медиумите, од ПССЕ истакнуваат дека речиси сите политички сили во Македонија се за европска интеграција на земјата и се надеваат дека ќе се најде решение за преостанатите пречки. Делегацијата, исто така, била информирана дека не се адресирани низа долгогодишни препораки на ОДИХР, вклучително и препораки за усогласување на Изборниот законик, да се утврдат јасни процедури за мандат и именување на државните изборни комесари и да се обезбедат ефективни правни лекови за изборните спорови.

Меѓу другото, се посочува дека партиите и кандидатите можат слободно да водат кампања.

-Иако говорот на омраза не се смета за главно изборно прашање, делегацијата слушна за случаи на лични напади и обиди за заплашување против претставници на граѓанското општество, кои кулминираа со поттикнување насилство, па дури и смртни закани. Делегацијата најостро ги осудува ваквите практики кои се неприфатливи во европска демократија и изразува надеж дека надлежните органи итно ќе преземат силни мерки против сторителите на ваквите закани, се вели во соопштението.

Шестчлената меѓупартиска делегација, предводена од Алфред Хеер (Швајцарија, АЛДЕ), во состав Стефан Шенах (Австрија, СПЦ), Крис Саид (Малта, ЕПП/ЦД), Селивај Челенк Озен (Турција, УЕЛ), Сибел Арслан (Швајцарија, СПЦ), ко-известувач на Комитетот за следење на ПССЕ и Џозеф О’Рајли (Ирска, ЕПП/ЦД), ја спроведе својата процена во Скопје и оствариле средби со претседателот на Собранието на Македонија, кандидатите за претседател, партиските лидери и претставници, претседателот и членови на Државната изборна комисија (ДИК), новинари и граѓански групи, членови на дипломатскиот кор, колеги меѓународни набљудувачи од ОДИХР и членови на делегацијата на Северна Македонија во ПССЕ.

Делегацијата потврдува дека решавањето на некои од овие прашања пред денот на изборите може да биде предизвик, но силно бара акција за оние кои сè уште можат да се поправат.

ПССЕ ги претставува парламентарците од 46 европски нации и ги набљудува изборите во Северна Македонија во рамките на својот пост-мониторинг дијалог со земјата. Полноправна делегација на ПССЕ од 22 члена, придружувана од правни експерти од Венецијанската комисија, ќе го набљудува гласањето на 24 април 2024 година во рамките на меѓународната мисија за набљудување на изборите заедно со ОДИХР, а потоа и на 8 мај кога треба да се приклучат и делегации од Парламентарното собрание на ОБСЕ и од Европскиот парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот