Првиот роденден на „Поетска епизода“ ќе биде прославен со поетското читање „Ново читачко лето“
Во кафе-книжарницата „Буква“ на 17 јуни (сабота), со почеток во 21 часот, ќе се одржи новото издание на „Поетска епизода“. Оваа епизода е прв роденден на настанот, а ќе биде одбележана со поетско читање на поезија од поети кои оваа година издадоа нови стихозбирки или, пак, нивни збирки добија македонски преводи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во оваа епизода ќе учествуваат тројца интернационални гости: Ернесто Ередеро дел Кампо од Шпанија, Марио де Роза од Италија и Надија Реброња од Србија, како и четворица домашни поети и поетеси: Александра Спасеска, Павлина Атанасова, Јосип Коцев и Перица Сарџоски.
Настанот ќе биде модериран од младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, а по читањето Ајнур Касо ќе пушта своја селекција од музика.

„Поетска епизода“ како концепт започна пред точно една година како проект на младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, а во организација на неформалната младинска организација за култура „Култура Бета“. Идејата на овој настан е да ја промовира и афирмира македонска поезија и да даде глас на новите и млади поети и поетеси.
– Бидејќи македонската поетска сцена во последно време се зголемува, а просторот за изразување не е доволен, решивме да направиме простор – простор за новите гласови, за новите поети, простор за промоција на новите поетски дела, простор за храбро истапување и пуштање на својата поезија во етерот – истакнуваат организаторите на настанот.
Во првата година се случија пет поетски читања, низ „Поетска епизода“ поминаа 40-ина поети, како настан „Поетска епизода“ беше дел од 50. роденден на МКЦ и со сигурност станува еден од позначајните поетски настани во Скопје. Новата епизода, како и претходната, се реализира со поддршка на „Јуроп хаус Скопје“.


