Кристин Кабот - Фото: Инстаграм

Прва изјава на Кристин Кабот, жената од видеото на концертот на „Колдплеј“: „Направив грешка, но не заслужив смртни закани“

За видеото со љубовниците кои беа снимени за време на концертот на „Колдплеј“, оваа година, зборуваше целиот свет. Тие  стана мета на потсмев, критики, морална лекција и предмет на јавен линч. Пет месеци подоцна, Кристин Кабот првпат одлучи да го прекине молкот и да раскаже како изгледал животот по „срамот“, пренесува „Њујорк Тајмс“.

Кабот се најде во центарот на глобалната хајка откако на 16 јули 2025 година се појави на големиот екран на стадионот, во прегратка со тогашниот свој шеф, на концертот на „Колдплеј“.

Краткото ТикТок видео стана вирално речиси моментално и за неколку дена имаше повеќе од 100 милиони прегледи.

Во тој период, Кабот се повлече од јавноста. Нејзиниот фокус беше на нејзините две деца, компанијата каде работеше и приватниот живот, кој веќе беше во распаѓање. Таа беше во процес на развод од вториот сопруг, Ендру Кабот, а единствената мисла што ја имаше тогаш беше:

„Повредив луѓе. Повредив добри луѓе.“

Јавен линч и закани

Пет месеци подоцна, во првото интервју по скандалот, Кабот раскажа за периодот кој следеше по таа ноќ. На социјалните мрежи беше нарекувана со погрдни имиња – од „љубовница“ до „уништувач на семејства“. Нејзиното тело и изглед беа анализирани, а понижувањето претворено во забавна интернет-содржина.

Во нејзината јавна дискредитација учествуваа и познати личности од Вупи Голдберг до Гвинет Палтроу па дури и маскота на спортски тим.

Ситуацијата брзо прерасна во сериозен безбедносен проблем. Кабот добивала и по неколку стотици повици дневно, папараците дежурале пред нејзината куќа, а непознати лица шетале по улицата. Пристигнале и смртни закани.

„Не беа неколку. Имаше десетици“, вели таа. „Моите деца се плашеа дека ќе умрам. Дека ќе умреме сите.“

„Направив грешка, но не го заслужив ова“

Во интервјуто, Кабот првпат јасно кажува дека не била во врска со својот шеф. Таа вечер пиеле неколку пијалаци, танцувале и се однесувале опуштено, но како што тврди, тоа бил единствениот пат кога се бакнале.

„Направив лоша одлука. Преземав одговорност и затоа останав без кариера. Тоа е цената што ја платив“, вели таа. „Но сакам моите деца да знаат дека грешките не значат дека заслужувате закани со смрт.“

Веднаш по концертот, директорот на компанијата поднел оставка, а „Astronomer“ започнал интерна истрага. Кабот, и покрај понудата да се врати како директорка за човечки ресурси, решила да замине  сметајќи дека не може да ја извршува функцијата додека е предмет на јавни исмејувања.

Фото: Profimedia/Скриншот/ТикТок

Тишина, изолација и распад на секојдневието

Последиците на скандалот не биле само професионални. Кабот опишува периоди кога со денови не излегувала од собата, страв од јавни простори, инциденти кога непознати жени ја навредувале пред нејзините деца и моменти кога децата молеле само да се вратат дома.

„Не знаев како да ги заштитам“, признава таа.

Особено ја погоди тоа што, како што вели, најжестоките реакции дошле од други жени.

„Молчењето повеќе не е опција“

Иако долго верувала дека молчењето ќе ја смири ситуацијата, Кабот сфатила дека тишината всушност ја потврдува приказната што интернетот веќе ја создал.

„Молчењето изгледа како признавање“, вели нејзината мајка. „А тоа би било она по што би ја памтеле засекогаш.“

Затоа таа одлучила да проговори – не за да се оправда, туку за да постави прашање што и понатаму виси во воздухот:

Дали навистина е нормално приватен момент на некој да се претвори во глобално јавно распнување?

„Направив грешка“, вели Кабот. „Но ова отиде предалеку.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот