Пругата до Бугарија ќе биде готова до 2030 година

Конечната либерализација по 30 години го отвори пазарот за повеќе оператори, што ќе придонесе за зголемување на товарниот сообраќај, истакна Зоран Трифуновски, генерален директор на МЖ Инфраструктура

Македонски железници одбележаа 151 година од основањето, бидејќи на 9 април 1873 е пуштена македонската делница на транс-балканската линија Виена-Солун, со што почнува железничкото поврзување на Македонија со светот. Според Зоран Трифуновски, генерален директор на МЖ Инфраструктура, ова е најстарата институција во земјата.

– Железницата и натаму останува главен двигател на економијата, па затоа фокусот за иднина се инвестициите во модерна железничка мрежа. Инвестираме во нејзината модернизација, а градбата на Коридорот 8 претставува вистински архитектонски предизвик. До 2030 година ќе биде готова и пругата кон Бугарија, финансиите во висина од 780 милиони евра се целосно заокружени. Конечната либерализација по 30 години го отвори пазарот за повеќе оператори, што ќе придонесе за зголемување на товарниот сообраќај. Во фаза на подготовка е и изработка на документацијата за западниот дел од Коридорот 8 за поврзување на трите земји на НАТО, Бугарија, Албанија и Македонија. Еден од нашите проекти е и брзата пруга кон Србија, со кој се воспоставува модерна пруга која ќе тргне од Атина, а ќе заврши во Будимпешта, а тоа е Коридорот 10. На оваа пруга возовите ќе возат со брзина од 160 километри на час – посочи Трифуновски и додаде дека МЖ се насочени кон „зелената агенда“ и еколошки превоз.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, пак порача дека заедно ќе ја трансформираме Железницата и ќе ја направиме европска и модерна.

– Со либерализацијата отворивме ново поглавје во железницата и создадовме нови можности, но нема потреба од загриженост за вашите работни места – порача Битиќи пред железничарите.

Инаку, според извештајот на Министерството за финансии, железничките компании се најголеми државни должници во државата. Македонски железници Транспорт ја заврши претходната година со долг од речиси 65 милиони евра, а државната компанија за железнички превоз има скоро 10 милиони евра недоспеани обврски. Втор најголем должник е Македонски железнички инфраструктура, со долг од 41 милиони евра. Уште два милиони евра се недоспеани. Македонска железница Транспорт во изминатата година го намали, а МЖ Инфраструктура го зголемил долгот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот