Вашингтон, САД / 4 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/ANNA MONEYMAKER / POOL

Протекоа детали од тајниот договор меѓу Србија и зетот на Трамп: Проектот кај Генералштабот ги скока српските закони, Американците имаат последен збор

Србија, со договорите за комплексот „Трамп тауер“, се обврзува трајно да не менува закони што би можеле да влијаат на проектот и суштински да го приспособи правниот систем така што договорите да не можат да бидат попречени. Исто така, не смеат да се случат „негативни околности на пазарот кои би биле штетни за успехот на проектот“.

Новиот комплекс на местото на Генералштабот, познат и како „Трамп Тауер“, ќе биде завршен за најмногу осум години. Неговиот развој ќе го води новооснована компанија, регистрирана во Србија, а сосопственици на таа фирма ќе бидат Република Србија и стратегиски партнер од Америка (но преку фирма регистрирана во Емиратите), објави „Форбс Србија“.

Предвидено е проектот да биде реализиран преку најмалку пет договори, покажуваат нацртите на овие документи во кои „Форбс Србија“ имал увид.

Од нив се гледа дека односот во заедничката компанија ќе биде 77,5 отсто во корист на стратегискиот партнер, додека, пак, Србија ќе има 22,5 отсто удел.

Во однос на овие удели ќе биде поделено и одлучувањето во претпријатието, односно во неговото собрание. Србија ќе има и еден претставник во Надзорниот одбор, а странскиот партнер два (Надзорниот одбор го именува директорот).

Она што можеби е уште поважно е како ќе биде финансирана реализацијата на проектот. Од нацртот на договорите се гледа дека тоа ќе биде од приходите од клиентите (што веројатно подразбира продажба на станови во комплексот), банкарски кредити и кредити што стратегискиот партнер ќе му ги дава на заедничкото претпријатие. Обезбедувањето на овој капитал е задача на партнерот, додека Србија нема да има обврска за финансирање на проектот.

Србија ќе го урива Генераштабот оштетен во НАТО бомбардирањето за да гради зетот на Трамп

Овој модел на финансирање е применет и во проектот „Београд на води“, каде што Србија исто така работи со партнер од Емиратите.

Од друга страна, пак, стратегискиот партнер и неговите поврзани фирми ќе обезбедуваат услуги за заедничкото претпријатие и за тоа ќе наплатуваат надомест, што, исто така, е нешто што е видено во проектот „Београд на води“.

Она што е особено проблематично е што Србија со овие договори се меша во сопствениот правен систем. Според документите, таа се обврзува дека нема да ги менува законите на начин што би го спречил спроведувањето на договорите. Посебно, не смее да ги менува прописите за давање земјиште под закуп и за претворање на правото на закуп во право на сопственост. Овие правила, како што се наведува, треба трајно да останат во сила. И дека, од друга страна, ќе донесе одредени подзаконски акти за договорите да може да бидат реализирани.

Стратегискиот партнер решава по своја проценка без да му треба согласност од Србија

На крајот, Србија прифаќа и одредби каде стратегискиот партнер носи поединечни одлуки по своја проценка и без потреба државата да даде согласност.

Првиот и краен договор е Инвестицискиот договор. Неговите потписници се компанијата „Атлантик инкубејшн партнерс“, регистрирана во американската држава Делавер (со седиште на Флорида) и во Србија. И тоа е единствениот договор што го потпишува американската компанија поврзана со Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп. Потписник од негова страна е Ашeр Абесера, под чие име стои името на фирмата на Кушнер, „Афинити глобал дивелопмент“.

Потоа следи договорот за основање на заедничката компанија. Сепак, наместо американската фирма, потписник ќе биде нивната компанија регистрирана во Обединетите Арапски Емирати.

Следува договорот за членовите на друштвото, односно сосопствениците на заедничката компанија, за нивните меѓусебни права и обврски – со истите потписници.

Земјиштето ќе се закупи на 99 години, ќе има над 1.000 станови и музеј

Четвртиот договор е договорот за закуп на земјиштето на 99 години. Договорот го потпишуваат фирмата од Емиратите и Република Србија.

И на крајот, предвиден е и договор за пренос на удел, во кој повторно потписници се фирмата од Емиратите и Србија.

Меѓутоа, овие документи не ја ограничуваат можноста да биде склучен и уште некој договор.

Едно од дискреционите права што стратегискиот партнер си ги дал е и да го менува проектот и да го одбере дизајнот. Дизајнот на зградите нема да биде одлучен на архитектонски конкурс. Од она што може да се види во документацијата во која имавме увид се забележува намерата да се искористат сите расположливи парцели. Трите кули ќе го заземат речиси целиот расположлив простор, а две од нив, како што се гледа на сликата, целосно ќе ја „обвиткаат“ зградата на Стариот генералштаб, која останува заштитена од уривање. Како тоа стилски ќе се вклопи е големо прашање.

Во спецификациите се гледа дека трите кули ќе имаат 30 ката, односно до 135 метри висина. Тие ќе бидат оддалечени 10 метри од улицата.

Како што беше најавено, таму ќе има 1.500 станови. За хотел се планирани 8.500 квадрати, 3.000 за музеј, 7.500 за малопродажба, а 74.000 за паркинг.

Раскинувањето на договорот ќе чини скапо

Сепак, основањето на компанијата е претходено од таканаречените претходни услови, за кои „Форбс“ вчера пишуваше. Тоа е, пред сè, прогласувањето на овој проект за проект од посебно значење за Србија, симнувањето на заштитата и уривањето на сите објекти над и под земја, односно „чистење“ на локацијата од сите товарни обврски.

Србија практично има две години од склучувањето на договорот да ги исполни овие услови. Нивното неисполнување може да биде основа за раскин на договорот. Интересно е што прогласувањето за проект од посебно значење е најитниот услов. За него Србија има 21 ден од моментот на склучување на договорот.

Во случај на раскин на договорот, Србија му плаќа на стратегискиот партнер трошоци за раскинот и го презема неговиот удел во заедничката компанија. Тие трошоци се состојат од трошоците што ги имал за време на реализацијата на трансакцијата и дополнителни 1.000.000 евра.

Интересна е и одредбата од делот „општи одредби“, каде се наведува дека Србија на сопствен трошок, кога и да побара стратегискиот партнер, сега или во иднина, ќе изврши или ќе овозможи извршување на сите дејствија или потпишување на сите документи што партнерот ќе ги смета за неопходни за да си ја обезбеди целосната корист од правата дадени со договорот.

Исто така, стратегискиот партнер си овозможил да го префрли договорот на свое поврзано лице без согласност на Србија.

Инаку, меродавното право за овој договор е српското право, но во случај на спор, тој ќе се решава пред арбитражата на Меѓународната трговска комора во Њујорк. Како и поголемиот дел од другите договори.

Не се знае која е фирмата од Емиратите

Потоа во приказната влегува фирмата основана според законите на Емиратите. Со неа се склучува договор за формирање заедничка компанија, односно се дефинира основачкиот акт.

Во нацрт-договорот не е наведено името на заедничката компанија, ниту нејзината дејност и седиште.

Кога станува збор за директорот, интересна е и одредбата дека ако Американците одлучат да го сменат директорот, Србија мора да се согласи, без разлика дали разрешувањето е основано или не.

Многу поинтересен е делот околу евентуалната продажба на заедничката компанија. Двете страни начелно се согласуваат да не ги продаваат своите удели сѐ до завршувањето на проектот, но постои можност за тоа.

Една опција е да го пренесат уделот на свое поврзано лице.

„Вучиќ се обидува да го корумпира Трамп“: Која е заднината на скандалозната одлука Генералштабот да се даде на американскиот зет?

Ако еден член реши да го продаде својот удел, другиот има право на првенство. И мора да му биде понуден целиот удел.

Дури ако покаже дека не е заинтересиран, или не одговори на понудата, може да се оди на продажба на трето лице. Но и таа трета фирма мора да го преземе целиот удел и обврските од договорот.

И на крај, може да се случи да пристигне понуда некој да ја купи целата компанија. Во тој случај, двајцата партнери мора да ги продадат своите удели.

Во договорот двете страни се повикуваат на меѓудржавниот договор помеѓу Србија и Обединетите Арапски Емирати за заеднички интерес во развојот на проектот, што укажува и зошто партнерот би бил од Емиратите, а не директно од САД (со кои Србија нема ваков договор). Врз основа на тој договор ќе се формира заедничката компанија за реализација на проектот „Трамп Тауер“.

Подолу во договорот стои дека сосопствениците се согласни дека со потпишувањето на договорот се одобрени работи со поврзани лица за обезбедување услуги и не се потребни дополнителни одобренија.

Пазарот и законите не смеат да му штетат на проектот

Од друга страна, тоа е условено со навремено исполнување на обврските на Србија. Исто така, не смеат да се случат „негативни околности на пазарот кои би биле штетни за успехот на проектот“. И не би требало да се случи некој значителен негативен настан (војна, нереди…).

Во овој договор се гледаат и одредби кои навлегуваат во правниот систем на Србија. Прв пример е евентуалната измена на проектот ако тоа е неопходно за неговиот успех. Во тој случај Србија мора да обезбеди да се измени Регулациониот план. Тоа мора да го направи што е можно побрзо, а најдоцна во рок од шест месеци. И потоа градежната дозвола би можела да се издаде врз основа на изменетиот Регулационен план, без потреба да се менуваат просторниот, општиот или планот за детална регулација.

Српските студенти пред Генералштабот: Зградата ќе ја браниме со нашите тела

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот