Прорускиот популист и антиваксер на чело на словенечкиот парламент го отвора патот за четвртата влада на Јанез Јанша
Изборот на десничарскиот популист и лидер на партијата (Ресница) Зоран Стевановиќ за претседател на словенечкиот парламент, го отвора патот за формирање на четвртата влада на лидерот на словенечката десница, Јанез Јанша, анализираат хрватските медиуми.
Препорачано
Ова е прв пат лидерот на најмалата парламентарна партија, која освои само пет мандати на неодамнешните избори, да ја добие функцијата претседател, што формално е втората најважна функција во земјата. Иако Стевановиќ во своето прво обраќање по изборите повика на „градење мостови“ и „враќање на довербата во политиката“, со оглед на тоа што Словенија, како што рече, „не може да си дозволи раздор“, нема сомнение дека неговиот избор за претседател на Народното собрание само ќе ги продлабочи поделбите во земјата.
Стевановиќ стана познат за време на жестоките протести против мерките за заштита за време на пандемијата на коронавирусот, во време на последната влада на Јанша, кога се профилираше како лидер на движењето против задолжителна вакцинација. Потоа беше приведен под сомнение за поттикнување бунт, по што изјави дека никогаш нема да влезе во коалиција со Јанша и неговата Словенечка демократска партија (СДС), но сега гласовите на СДС беа клучни за неговиот избор на водечката позиција во парламентот.
Стевановиќ е исто така критичен кон членството на Словенија во Европската унија и НАТО. Бил полицаец, два пати осудуван, но поради истек на потребното време, сега формално се смета за неосудува. Според словенечките медиуми, Стевановиќ во минатото бил член на радикално десничарската и антихрватска Словенечка национална партија (СНС) на Змаго Јелинчиќ.
Неговиот избор е резултат на маневарот на Јанша, со кој политичарот со најдолг стаж во овој регион покажа дека има потребно мнозинство од 48 гласови за формирање нова влада, која ќе биде поддржана од партиите кои го поддржаа и Стевановиќ за претседател на Парламентот: демократите на поранешниот шеф на дипломатијата на Јанша, Анже Логар, и конзервативно-христијанската Нова Словенија (НСи), која во последните денови упорно ги отфрлаше повиците на релативниот победник на изборите и поранешен премиер Роберт Голоб за формирање лево-либерална коалиција.
Иако Стевановиќ сè уште не сака да го потврди влегувањето на неговата партија во коалицијата на Јанша, тоа несомнено е дел од договорот благодарение на кој е избран.
Изборот на Стевановиќ е ладен туш за Роберт Голоб. Тој ќе мора да му ја отстапи премиерската позиција на „поразениот“ Јанша, кој освои еден мандат помалку од Голоб, а Јанша сè уште ги оспорува резултатите од изборите. Изборот на Стевановиќ го прославија неколкумина собрани пред словенечкиот парламент со руски знамиња, што не е изненадувачки, со оглед на неговата проруска ориентација. Словенечките медиуми еднаш објавија за неговите врски со дипломати кои беа протерани од Словенија поради пропагандни активности.


