Изборите во Словенија се „држи се, не давај се“: премиерот Голоб води за влакно пред опозиционерот Јанша
Според неофицијалните резултати од словенечките избори, на парламентарните избори во Словенија води партијата Движење за слобода на актуелниот премиер Роберт Голоб, пред Словенечката демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша, пренесе хрватски „Индекс“.
Препорачано
Првите резултати што пристигнуваа во текот на вечерта му одеа во прилог на опозиционерот Јанез Јанша, кој според нив водеше пред Голоб, што беше спротивно на излезните анкети кои му даваа предност на Голоб.
Но, со пребројувањето на поголем број гласови дојде до нов пресврт и водство на партијата на Голоб.
Сепак, резултатот е тесен и составувањето мнозинство во парламентот ќе биде многу предизвикувачко.
По пребројани 98,16 отсто од гласовите, резултатот од изборите во Словенија Роберт Голоб води со 28,54 отсто од гласовите и со 29 пратеници.
Партијата на Јанез Јанша следува со 28,23 отсто од гласовите, што засега на таа партија ѝ носи 28 мандати во парламентот.
На третото место е коалицијата на НСИ, СЛС и Фокус со 9,35 отсто од гласовите и со девет мандати.
Потоа следуваат СД со 6,71 отсто и Демократите со 6,68 отсто, што на двете партии би им донело по шест пратеници.
Парламентарниот праг го минаа и Ресни.ца со 5,57 отсто, како и Левица со Весна со 5,36 отсто.
Според овие податоци, и двете би добиле по пет мандати.
Обвинувања за странско мешање во изборите
Во пресрет на гласањето, во Словенија големо внимание предизвикаа обвинувањата за странско мешање во изборите, при што Јанша беше обвинет дека ангажирал приватна израелска разузнавачка фирма наречена „Блек кјуб“ за да му помогне во изборната кампања.
Тврдењата, кои најпрво ги изнесоа новинари и активисти, велат дека Јанша и „Блек кјуб“ стоеле зад серија видеа наменети да влијаат врз изборите, а кои наводно документирале владина корупција.
Јанша, кој во својот последен мандат се соочи со обвинувања дека ги ограничувал слободата на медиумите и го поткопувал владеењето на правото, редовно ја напаѓаше владата на Голоб, нарекувајќи ја „криминален синдикат“.
Јанша призна дека имал контакти со „Блек кјуб“, но ги отфрли сите обвинувања за изборно мешање.
Во четвртокот, Роберт Голоб повика ЕУ да отвори истрага за случајот, говорејќи на самит во Брисел.
„Многу е важно да не се дејствува сега само во име на Словенија, туку да се дејствува за да се заштити секоја друга држава што во наредните месеци ќе влезе во изборен процес. Апсолутно сум уверен дека словенечките гласачи ќе препознаат дека странското мешање е нешто што никогаш не смее да се дозволи“, рече тој.
Словенечките власти велат дека оперативци на „Блек кјуб“ четирипати ја посетиле Љубљана за време на кампањата и дека во тој период биле и на улицата каде што се наоѓа седиштето на СДС.
„Блек кјуб“, со која раководат двајца поранешни агенти на Мосад, не одговорила на обвинувањата.
Компанијата тврди дека работи законски и етички, но и претходно беше вмешана во контроверзии, меѓу другото и поради обидите да се дискредитираат лицата што го обвинуваа поранешниот холивудски продуцент Харви Вајнстин за сексуална злоупотреба.
Пцовисани животни, тајни снимки и израелски шпиони: Што се случува во Словенија пред изборите?


