Промоција на книгата „Надежта постои, но не за нас“ од Мирослав Грчев
Промоцијата ќе се одржи во културниот центар ЈАДРО, во вторник на 26 мај, со почеток во 20 часот
Книгата „Надежта постои, но не за нас“ со поднаслов „Текстови за удолниот релјеф на времето“ претставува избор на колумни објавувани помеѓу мај 2021 и март 2023 година во рубриката „Трибина“ на „Слободен печат“ речиси секој четврток.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Текстовите за удолниот релјеф на времето не се хроника на најважните настани, туку се, според зборовите на авторот, „повеќе лични промислувања за ретроградните историски тенденции што ги живееме, некаков дневник во кој ги запишував тегобните мисли за некои настани“.
Понатаму, во предговорот на книгата Грчев ја констатира превладувачката тема во збирката: „Средувајќи ги текстовиве забележувам дека превладуваат моите реакции на назадувачките појави не само во непрежалена Македоња, туку и ширум европскиот потконтинент, и потаму, през неговата прекуатлантска метастаза. Тие реакции се одраз на мојот непомир со удолните историски тенденции, па не е ни чудно што низ текстовите, покрај револтот, провејува и ‘бодриот‘ песимизам. Конечно, насловот на збиркава зборува сам за себе. Но, не е само моја вината за темните тонови овде: заглупавувањето на светот – во кое предничи кретенизацијата на татковината – е појава болно видлива и огромна, која веќе почна девастирачки да влијае на целиот земски живот.“
Сепак, не е сѐ тегобно и мрачно во оваа збирка колумни, зашто не се ретки и цитати како што е следниов: „На планетата земја човекот секогаш сметал дека е поинтелигентен од делфините – ги измислил тркалото, Њујорк, војните итн. – додека сè што делфините постигнале се акробациите во вода, уживањето и зафрканциите. Спротивно на тоа, делфините веруваат дека тие се неспоредливо поинтелигентни од луѓето, и тоа баш од истите причини.“
Книгата ќе ја промовира Бојан Иванов, во културниот центар „ЈАДРО“ во вторник, на 26 мај 2026, со почеток во 20 часот.


