Промашувањето на Барселона од 135 милиони евра поради свирежи од трибините заминува и од матичниот клуб?
Филипе Кутињо, некогаш еден од најскапите фудбалери во светот, е на чекор од заминување од Васко да Гама. Според бразилските медиуми, 33-годишниот офанзивец подготвува раскин на договорот со матичниот клуб, откако односот со навивачите сериозно се нарушил.
Препорачано
Кариерата на Кутињо е во постојан пад уште од рекордниот трансфер од Ливерпул во Барселона во 2018 година, вреден 135 милиони евра. Од тогаш, Бразилецот не успеа да ја врати старата форма, а последниот удар го доживеа од сопствените навивачи, кои му испраќаа свирежи на стадионот „Сао Жануарио“ за време на натпреварот против Баија.
Наводно, Кутињо веќе го информирал претседателот на клубот, Педрињо, за својата намера. Раководството било изненадено од ваквиот чекор, а тренерот Фернандо Диниз се обидел да го разубеди, но немал многу успех.
Интересно е што како причина за заминувањето не се наведува незадоволство од спортскиот проект, туку токму односот од трибините. Во последните недели критиките кон поранешниот бразилски репрезентативец се засилија, а свирежите очигледно оставиле длабока трага.
По заминувањето од „Камп Ноу“, Кутињо никаде не успеа да се задржи подолг период. Настапуваше како позајмен во Баерн Минхен и Астон вила, а во 2022 година потпиша и постојан договор со англискиот клуб. На „Вила Парк“ имаше солиден почеток со пет гола и три асистенции за шест месеци, но во првата целосна сезона постигна само еден погодок на 22 натпревари. Потоа следуваше позајмица во Ал Духаил.
Минатата година се врати во Васко како позајмен играч, забележувајќи пет гола и три асистенции на 26 настапи, а клубот ја заврши сезоната на 13. место во бразилската Серија А. Оваа сезона има седум погодоци на 28 натпревари учинок поради кој клубот сакаше и да му ја продолжи соработката која истекува во јуни, но на крајот тоа сепак изгледа нема да се случи.


