Црвен аларм во Грција: се затвораат училишта, најавени се силни дождови, ветришта и грмотевици
Се очекува невремето да се засили во источниот и во јужниот Пелопонез, Атика, Евиа, Спорадите, северните и источните егејски острови и во Додеканезите, а да трае до четврток.
Училиштата низ грчкиот регион Атика ќе останат затворени в среда поради тешките временски услови, објави „Катимерини“.
Препорачано
Одлуката се однесува на сите јавни и приватни основни и средни училишта, вклучително и ба вечерните училишта, како превентивна мерка за заштита на учениците и наставниот кадар од обилните врнежи од дожд што се очекуваат од пладне па натаму.
– Атика е под црвен аларм. Врз основа на временските прогнози и препораките на Комитетот за проценка на ризици, одлучивме утре да ги затвориме училиштата – изјави регионалниот гувернер Никос Хардалиас.
Тој додаде дека загриженоста не е поврзана со вкупната количина на дожд, туку со неговиот интензитет, при што наставата ќе се одвива онлајн.
Националната метеоролошка служба издаде итен билтен со предупредување за силен дожд и грмотевици во централна и јужна Грција, локално обилен снег во планинските подрачја на некои региони, како и силни ветришта во делови од земјата.
Се очекува невремето да се засили во источниот и во јужниот Пелопонез, Атика, Евиа, Спорадите, северните и источните егејски острови и во Додеканезите, а да трае до четврток.
Надлежните апелираат граѓаните да преземат мерки на претпазливост и да избегнуваат непотребни патувања.


