Фото: МИА

Проф. д-р Биљана Ангелова е нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Мојата одговорност е да го продолжам наследството од вредности, да ја продолжам традицијата на врвен квалитет во високото образование и науката, да се заложувам за реализација на автономијата и за јакнење на универзитетот, истакна професорката на Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, и проректор за финансии, инвестиции и развој, проф. д-р Биљана Ангелова, на која денеска и беше предадена должноста ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На свеченото примопредавање на должноста ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, проф. д-р Ангелова истакна дека и е чест да се биде ректор на најголемиот, најстариот, најзначајниот државнотворен универзитет на Македонија, кој, како што рече, е универзитет кој повеќе од седум децении негува традиција на врвен квалитет во високото образование и во науката.

Оваа мисија не е само голема чест, туку и уште поголема одговорност, нагласи таа.

Проф. д-р Ангелова додаде дека постигнувањето на овие цели не е лесно.

-Патот е долг, трнлив, полн со предизвици, но само ако го чекориме сите заедно и ако сите заедно работиме на унапредување на нашиот УКИМ, ќе го направиме посилен, подобар и повлијателен. Нашата мисија ќе биде отворен универзитет со високи вредности кој ќе стане видлив на меѓународниот високообразовен научноистражувачки простор, истакна проф. д-р Ангелова.

Поранешниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, проф. д-р Никола Јанкуловски рече дека новата ректорка во два мандати му била прв соработник, била проектор за финансии, инвестиции и развој, со што како што истакна, таа одлично ја познава работата, функционирањето на универзитетот, ги познава проблемите и сите предизвици кои што постојат на универзитетот во целокупното негово работење.

– Сметам дека ректорката ќе придонесе и понатаму во зацврстување и развивање на позицијата современ европски универзитет во високообразовниот европски простор со што мислам дека ќе станеме дел од големото академско семејство на универзитети кои што се реномирани во Европа и во Светот, истакна Јанкуловски.

На свечениот настан присуствуваше и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, кој на новата ректорка и посака успех во работата заедно со академскиот кадар, асистентите…

Проф. д-р Биљана Ангелова, за ректорка беше избрана на 30 мај по спроведеното непосредно и тајно гласање на единиците во составот на при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Нејзиниот мандат истекува на 15 септември 2026.

Проф. д-р Ангелова е вработена на Економскиот институт од 1992 година, каде во континуитет ги добива сите научни и наставно-научни звања. Во 2007 година првпат е избрана во највисокото научно звање научен советник/редовен професор во областа на деловни финансии, а во 2012 година повторно е избрана во редовен професор во областа на финансиски менаџмент.

Во периодот 2006-2008 година била раководител на вториот циклус студии по Меѓународен менаџмент, а од 2008 година до денес раководи со насоката Финансиски менаџмент. Таа беше и прв раководител на студиите од трет циклус по организациски науки – менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот 2012-2016 година. Од ноември 2009 до септември 2016 година била директор на Економскиот институт. Во јуни 2016 година е избрана за проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на која функција е и вторпат избрана и во 2020 година за мандатниот период 2020-2023 година. Од 2016 до 2023 година е претседател на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на УКИМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот