Проектот „КреАрт“ како креативна територија на европските уметници

Град Скопје и Музеј на град Скопје се организатори на европската изложба „Што би се случило ако? Изборот да се изгради алтернативна иднина“, која е дел од проектот „КреАрт“, поддржан од програмата „Креативна Европа“. Станува збор за мултидисциплинарен проект што ги охрабрува уметниците и колективите да ги истражуваат историските, современите и социјалните факти што ги градат современите реалности на нивните места на живеење.

Изложбата е креативна територија што работи како повеќеслоен роман на научна фантастика, слободно прикажувајќи ги можните алтернативни иднини, природни појави и индивидуално-колективни спомени. Историјата се пишува низ моменти на прекин со минатото, што резултира со промени во начинот на живеење. Сепак, наместо да биде критична ревизија на историјата, изложбата има за цел да формулира нови истории.

На изложбата се презентирани дела на 15 интернационални уметници, кои беа селектирани на отворен конкурс од кураторот Пјетро дела Џустина и асистент кураторот, Лука Џенати. Пред да пристигне во Скопје, изложбата беше претставена во уште два партнерски града, Авеиро од Португалија и Џенова од Италија, кои, исто така, се дел од мрежата на креативни европски градови „КреАрт“.

Изложбата има цел да го промовира и рефлектира еден од основните приоритети на проектот – да бидат собрани на едно место десетици локални креативни таленти ширум Европа со нивните различни културни багажи и различни гледишта, а во Музејот на град Скопје ќе може да се посети до 3 август 2021 година.

Во рамките на проектот „КреАрт“, Град Скопје организира Меѓународна конференција – Средби на тема „Социјално осигурување и оданочување на уметниците“ на 13 јули во Сала на Град Скопје. Целта на конференцијата е да се разгледа постојната даночна политика, да се разменат ставови и искуства за социјалното осигурување, даночниот систем и како сето тоа влијае и ќе влијае на уметниците, со цел да се добијат одговори на некои тешкотии со кои се соочуваат уметниците.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 88, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот