Проектот „Европска престолнина на културата“ е поттик за урбана трансформација на Скопје
Проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ предвидува повеќегодишен процес на подготовка и реализација, со вклучување на институциите, граѓаните и приватниот сектор, со цел долгорочен културен, социјален и економски развој на градот.
Препорачано
„Европската престолнина на културата (ЕПК) претставува можност за значителни културни и економски придобивки, за урбана трансформација и зајакнување на меѓународниот профил на градот“, посочи Елсе Христенсен Реџеповиќ, која како независен експерт за оваа тематика пред десетина дена одржа обука за национални и јавни установи вклучени во проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
Како експерт што учествувал во работата на комисијата што одлучува за доделување на титулата Европска престолнина на културата, Елсе Христенсен Реџеповиќ гласала да биде прифатена кандидатурата на Скопје. Во Скопје беше присутна на покана од Градот и рече дека доаѓа како пријател кој сака да помогне со своето 17-годишно искуство во оваа област.
На почетокот од своето излагање таа објасни дека ЕПК не е фестивал што трае цела година, туку е програма која трае неколку години пред и продолжува да трае по завршувањето на 2028 година. Целта на ЕПК е да го трансформира градот, да го направи поинклузивен, да се почитува различноста, да се зголеми довербата на граѓаните во институциите на градот и да поттикне развој на целиот социјален систем во градот.
Реџеповиќ истакна дека суштината на ЕПК е соработката и вклучувањето на сите сектори на општеството, нагласувајќи дека станува збор за многу повеќе од културни настани.
– Европска престолнина на културата е можност градот да генерира значителни културни, материјални и економски придобивки и може да помогне во поттикнување на урбаната генерација, промена на имиџот на градот и подигнување на неговата видливост и профил на меѓународно ниво, вдишување нов живот во градската култура и зајакнување на туризмот – истакна Реџеповиќ.
Од основањето на манифестацијата во 1995 година, по идеја на грчката политичарка Мелина Меркури, досега околу 60 градови биле Европска престолнина на културата, додека приближно 300 градови аплицирале, но не била прифатена нивната кандидатура. Тие факти треба да се имаат предвид и затоа Скопје има огромна шанса за развој, но истовремено и одговорност да ја реализира програмата предвидена со прифаќањето на кандидатурата.
– Европската престолнина на културата му дава на градот можност да соработува меѓу области во кои вообичаено не би соработувале, а двете главни цели се чувството на припадност кон заедничка културна област и промовирање на вредноста на културата за градот и регионот – рече Реџеповиќ.
Таа зборуваше и за деталите како да се подготви Скопје за 2028 година, од формирање независно тело со сопствена сметка, до привлекување куратори за програмата и анимирање на граѓаните да се вклучат во што поголем број во реализацијата на целиот проект.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 313, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.12.2025)


