Проект „Тајните архиви на Скопје“: Домашните ленти на скопјани се полни со љубов

Третиот краток филм за „Старо Скопје“, насловен „Човек – Лав стори“, чиј автор е Катерина Габунија, премиерно ќе биде прикажан на 30 ноември, со почеток во 20 часот, во Кинотеката. Носител на проектот е НУФЦ „Вардар филм – Скопје“, поддржан е од Град Скопје, а реализиран во соработка со Кинотеката.

Проектот „Тајните архиви на Скопје: Човек – Лав стори“ е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, а монтажата и дигитализацијата се на Александар Трајковски. Третиот дел од серијалот филмови за Скопје и скопјани со наслов „Човек – Лав стори“ претставува колаж од дигитализирани 8-милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Во овој трет дел акцентот е ставен на љубовта.

„Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста. Љубовта е најсилната емоција што секогаш ја освојува публиката пред филмското платно, неа сме ја искусиле сите и најлесно ни е да се соживееме. Љубовта е наша движечка сила, која нѐ мотивира да твориме. Човекот не е совршен, знае и да згреши, но љубовта што ја дава, барем накратко (онаа таинствената), е најсилна и вистинска. Нефилмуваната љубов на скопјани е послатка и пореална од совршената“, посочено е во најавата на проекцијата.

Процесот на реализација на проектот, како и досега, почна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 мм и супер 8 мм ленти. Се продолжи со дигитализација и дигитална обработка на истите, а потоа се премина кон монтажа на слика и звук. На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот