Уметничкото биенале во Венеција ќе се одвива од 9 мај до 22 ноември 2026 година

Проект на Велимир Жерновски и МСУ ќе ја претставуваат државата на Уметничкото биенале во Венеција во 2026

Министерството за култура и туризам информираше дека стручната комисија во состав: Соња Абаџиева, Ивана Урошевиќ и проф. Симон Шемов, предложи проектот поднесен од Музејот на современата уметност со наслов „Пиетa во прекривките на ургентноста“ на авторот Велимир Жерновски да биде официјален претставник на Република Македонија на 61. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2026 година.

Комисијата ги разгледа сите четири пристигнати проекти на Конкурсот и оцени дека овој оригинален и компактен проект, кој е надвор од стереотипите и стандардите на визуелната практика, соодветствува со тематската матрица на престојното Уметничко биенале во Венеција и дека со својата читливост, комплексната содржина и визуелно убедливата речитост проектот ќе биде достоинствен претставник на Република Македонија на Биеналето во Венеција во 2026 година.

Инсталацијата „Пиета во прекривките на ургентноста“ на крајно едноставен начин е фокусирана на „Пиета“ (1498/9) – врвното ренесансно дело на Микеланџело Буонароти од црквата „Св. Петар“ во Ватикан. Реплицираниот монумент на третата од Микеланџеловите пиети, конструиран од современи материјали, авторот го прекрива со заштитни „златни“ фолии користени од страна на современите бегалци, бездомници, страдалници и луѓе заобиколени од човечката емпатија.

Оваа златна наметка практично ја игнорира смртта и воопшто феноменот на геноцидот, бидејќи ја преформулира скулптурата во ново руво и ја уништува примарната форма во нови загадочни фигуративни решенија. Тие ја анулираат високата естетска сензибилност на „Пиета“ и од симбол на хедонизмот ја претвораат во трансфигурација во тесна релација со денешното (само)уништување на човештвото.

Уметничкото биенале во Венеција ќе се одвива од 9 мај до 22 ноември 2026 година, известија од Министерството за култура и туризам на РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот