Проект на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска е македонски претставник на 59. Венециско артбиенале

Проектот „Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски и соработничката Моника Мотеска, предложен од Националната галерија, е избран за официјален претставник на Република Северна Македонија на 59. Уметничко биенале во Венеција, известија од Министерството за култура. Комесар на македонскиот павилјон е д-р Дита Старова Ќерими, а кураторки се Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов.

Во образложението на стручната комисија при Министерството за култура стои дека „проектот низ јукстапозиции поставува нови пејзажи, реални, а имагинативни; локални и национални, а сепак, универзално препознатливи“.

– Проектот „Landscape Experience“, со кој се претставуваме на 59. Венециско биенале, е мултимедијална инсталација составена од видеопроекции, фотографии и објекти. Истиот третира повеќе проблеми и може да се чита на повеќе нивоа. Со секое следно читање се отвораат нови прашања за нас и за нашата планета. Безумието на војните и беспоштедното губење на животи. Осуда на насилството врз човекот и природата. Еколошките катастрофи кои, за разлика од војните каде што се случува моментално уништување, бавно и тивко ги уништуваат живите организми.

Два фрејма од видео што е дел од проектот „Landscape experience“

Проектот го проблематизира човекот и неговата еколошка свест и човекот и нeговата политичка свесност. Проблематизирајќи ги овие теми загребуваме и навлегуваме длабоко во смислата на нашето постоење и нашата одговорност. Следејќи ги насоките на кураторката на биеналето, Сесилија Алемани, иако нашиот проект зборува за уништување, изумирање и слично, сепак, постојат делови кои влеваат оптимизам дека човештвото ќе успее да се справи со сета земјина дистопија – за „Културен печат“ објасни Роберт Јанкулоски.

На конкурсот за финансирање проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната дејност за учество на Република Северна Македонија на 59. Интернационална ликовна изложба во Венеција во 2022 година, во организација на „La Biennale di Venezia“ (Венециско биенале), пристигнале пет пријави. Една од нив не се разгледувала откако подносителот доставил писмено известување дека го повлекува проектот.

Останатите проекти кои пристигнале и биле разгледувани се: „Божествена пародија“ на Страхил Петровски (Музеј на Град Скопје), „Сите изгубени гласови“ на Филип Јовановски (Младински културен центар – Скопје) и „Горчлив шеќер“ на Ѓорѓе Јовановиќ (Музеј на современата уметност – Скопје). Венециското биенале на тема „Млеко од соништата“ ќе се одржи од 23 април до 27 ноември 2022 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 112, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот