Продолжува издавањето на пасоши по редовна постапка, пристигнаа 140.000 обрасци

Фото: МВР

Ноќеска, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев на граничниот премин Богородица ја пречека пратката од 140.000 обрасци за пасоши. Иако беа најавени за следната недела, обрасците, сепак „подранија“.

Со новата пратка обрасци, пасоши ќе може да се издаваат и за оние кои вадат по редовна постапка. Минатата недела пристигнаа 20.000 обрасци кои можеа да ги задоволат потребите само за оние коишто имале закажано по итна постапка и се спремни да платат над 100 евра за што побрзо да излезат од „домашен притвор“.

Како што изјави во понеделникот Бојмацалиев, покрај овие 145.000 обрасци во јуни месец ќе пристигне пратка која ќе ги задоволи  сите потреби за граѓаните, а претходно, без да се прецизира кога точно, ќе пристигне уште една пратка од 85.000 обрасци, со што ќе се комплетира најавената бројка од 225.000 обрасци.

Фото: МВР

Досега, близу 50.000 граѓани од дијаспората поднеле барање за издавање патни исправи во 25 дипломатско-конзуларни претставништва.

Бојмацалиев вчера го искритикува министерот за внатрешни работи кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски поради промената на работењето на пунктот во полициска станица „Пролет“ каде што повеќе нема сликање за лични документи без закажување. Бојмацалиев вели дека со новиот начин на работа, се создава хаос во работењето и помалку граѓани се опслужени.

– Пунктот „Пролет“ го отворивме бидејќи во месеците јули, август и септември имавме случаи на луѓе што закажуваат, а не се појавуваат на закажаните термини. Дали било организирано или политички мотивирано, не може да се докаже. Тогаш раководството на МВР, јас бев шеф на кабинетот на министерот Спасовски, одлучи дека треба да отвориме еден пункт за Скопје, бидејќи остатокот од државата се над 99% веќе со извадени документи. Се отвори пунктот „Пролет со модел „прв дојден, прв услужен. Со доаѓањето на новиот министер, тој одлучи дека тоа е ужасно решение, го укина и ги врати повторно телефонските закажувања. Па денес граѓаните по седум осум дена вртат и не можат да добијат за да закажат термин. Јас тогаш, а и сега јавно кажувам дека бев против укинување на принципот „прв дојден, прв услужен бидејќи сепак ја движеше работата, а сега имаме застој. Стојам на ставот дека вака не функционира и дека треба да се врати „Пролет во режим на работа „прв дојден, прв услужен“, бидејќи граѓаните тоа го бараат, изјави Бојмацалиев.

Мвр прослава/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

Министерот Тошковски, пак, вели дека со новиот начин на работење, односно со закажување, се забрзува процесот на целосна замена на личните документи, па така граѓаните кои имаат закажано термин после мај, добиваат телефонски повик да дојдат во пунктот во ПС „Пролет“, за да се сликаат за нови документи.

Тошковски во средата изјави дека добил допис од Брисел дека ЕУ нема да прави проблем доколку граѓани на Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.

Но, шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека министерот Тошковски погрешно го интерпретира ставот на Европската комисија за тоа дали во ЕУ ќе се признаваат пасошите со старото уставно име.

– Тоа е лошо интерпретирање. Ставот на Европската комисија е дека таа не носи одлука која важи за целата ЕУ туку тоа е суверено прашање на секоја од државите… Во однос на ова прашање земјите сами одлучуваат и досега повеќето земји практично сè уште дозволуваат граѓаните да се движат, но немаат официјален став, изјави Османи.

Османи посочи дека официјален допис добиле само од две држави. Едната е Швајцарија која известила дека ќе дозволува движење со пасошите со старото уставно име. Другата е Босна и Херцеговина која информирала дека нема да ги признава ниту пасошите ниту личните карти со старото име.

Министерот Тошковски, исто така изјави дека македонскиот пасош се користи во Германија и во Швајцарија, но, според извори на Дојче Веле, македонските државјани можат да ги користат пасошите со старото уставно име за лична идентификација, но нема да можат да влезат во земјата доколку немаат нова патна исправа со името Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот