Продавачките со четирипати повисок К-15 од административците
Раководствата на дел од трговските синџири, подлабоко ја завлекоа рака во џебот и на нивните продавачки годинава ќе им исплатат рекордни износи на регрес за годишен одмор, кој стаса и до 47.000 денари. Сумата е речиси трипати повисока од законскиот минимум, кој изнесува над 18.400 денари, а четирипати од онаа што ќе ја земат вработените во јавниот сектор односно над 12.000 денари
Раководствата на дел од трговските синџири, подлабоко ја завлекоа рака во џебот и на нивните продавачки годинава ќе им исплатат рекордни износи на регрес за годишен одмор, кој стаса и до 47.000 денари. Сумата е речиси трипати повисока од законскиот минимум што изнесува над 18.400 денари, а четирипати од онаа што ќе ја земат вработените во јавниот сектор односно над 12.000 денари. Висок регрес од 42.000 денари е поделен и во некои синџири на пекарници, додека во маалските дуќани што продаваат храна, газдите се држат до законскиот минималец, а такви суми добиваат и вработените во продавниците за облека и во ексклузивните бутици. Сепак, дел од трговците и натаму го изигруваат законот, прикажувајќи „економски тешкотии“ во работењето и на своите вработени не им се исплаќаат ниту денар или, пак, им даваат одредени суми, кои потоа им ги бараат назад.
Препорачано
Зад „дарежливоста“ на трговските синџири лежат милионските приходи и профити што ги остваруваат. Според анализата на порталот Пари, нивните вкупни приходи за 2024 година достигнаа рекордни 1,1 милијарда евра, но добивката се намалила кај осум од десет компании, што укажува на притисоци врз профитабилноста, зголемени трошоци или промени во потрошувачките навики. Во овие маркети работат околу 8.000 лица, а само 2.000 од нив се членови на Синдикатот за трговија, открива претседателот Слободан Трендафилов. Оттаму за „Слободен печат“ истакнуваат дека трговците сосема заслужено треба да добијат повисок К-15 и не само поради фрапантниот податок дека една касиерка во фреквентен маркет дневно преместува по 2,5 тони разни производи.
– Во декември кога и трговците и угостителите имаат зголемен промет, тие навистина „паѓаат од нога“ и треба да бидат соодветно наградени. Некои синџири на маркети го намалуваат бројот на вработени, а трети се обидуваат да постигнат максимум со минимални ресурси. Тоа значи дека продавачките не само што примаат стока и ја редат, ги проверуваат залихите и се менуваат на касите – велат од Синдикатот.
Според статистиките на Агенцијата за вработување, побарувачката за продажен кадар е меѓу трите најбарани занимања, а во моментот за нив има дури 1.140 слободни работни места, а просечните плати се движат од 32 до 37.000 денари, без бонуси и неделни и празнични дневници.
Компаниите добија зелено светло од 1 јули да исплаќаат К-15 за 2025 година, а законската обврска на работодавачите е да го исплатат до 31 декември. Најмалиот износ што треба да легне на сметките е околу 18.141 денари, колку што изнесуваат задолжителните 40 отсто од последна просечна тримесечна нето-плата во Македонија. Доколку фирмите го исплатуваат подоцна од 1 јули, износот може да биде и поголем, бидејќи тој се утврдува според основицата што важи на денот на донесувањето на Одлуката за исплата. Единствениот услов работникот да добие регрес е да биде најмалку шест месеци вработен во фирмата и, секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време. Минималната сума за исплата на регрес за годишен одмор за јавниот сектор сумата изнесува 12.372 денари.
Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа, доколку регресот не се исплаќа. Газдите може да заглават и во затвор од една година доколку ги исплатат парите, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им ги вратат. Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор. Инаку, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, можат да одат под загарантираниот минимум од 40 отсто.
Токму одредбата дека фирмата била финансиски нестабилна, беше мета на чести критики во изминатите години, како од Државниот трудов инспекторат, така и од ССМ, кој досега не успеа да издејствува нејзина промена кај работодавачите. Дотолку повеќе што со ова не се кажува ни дека фирмата треба да биде во минус, туку се зборува само за „тешкотии во работењето“, што е многу широк и растеглив поим.


