Приведен српски политичар на Косово, возел нерегистрирано возило и одбивал полициска наредба
Политичарот од редовите на српската етничка заедница во Косово, претседателот на новоформираната партија Српска демократија, Александар Арсениејвиќ е приведен денеска накратко од страна на косовската полиција во полициската станица во Звечане во северно Косово.
Препорачано
Информацијата, придружувана со краток видео запис од приведувањето, ја објави самиот Арсенијевиќ, а во изјава за агенцијата КосоваПрес ја потврди и заменикот директор на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани.
„Српскиот политичар и пропагатор“, како што го нарекува приштинската новинска агенција, е приведен затоа што возел нерегистрирано возило и не се одзвал на полициска наредба.
– Го приведовме во полициска станица, каде што му се врачени две казни – една за неспроведување на наредбата на полицаецот и втората за немање регистрација на возилото. Одземени му се регистерските таблички и тој е пуштен на слобода, изјави Елшани.
Српска демократија (СД) го оцени апсењето на нејзиниот лидер како политички притисок врз партијата и најави кривични пријави против одговорните.
– Незаконско апсење на претседателот на СД во Звечане. Ова е политички притисок врз нашата партија само 24 часа по нејзината регистрација во Централната изборна комисија (на Косово). Ќе поднесем кривични против одговорните лица, се вели во објавата на СД.


