Приватните болници не одбиваат пациенти ама се изненадени од одлуката на Владата

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

На предлог на Советот за безбедност, вечерва се очекува Владата да прогласи кризна состојба на територијата на целата земја во траење од 30 дена поради исклучително сериозната состојба со КОВИД-19. Кризната состојба ќе значи подобро менаџирање на сите капацитети и човечки ресурси, ставање на располагање на приватните болници, а во справувањето со епидемијата ќе помага и Армијата.

Слободен печат денеска се обиде да дознае што ќе значи кризната состојба во однос на користење на капацитетот на приватните болници.

Академик д-р Жан Митрев во соопштение за медиумите вели дека ја поддржува иницијативата за ставање на сите расположливи капацитети на располагање, но нагласува дека во Жан Митрев Клиник нема слободни кревети и има листа на чекање.

-Уште од самиот почеток на пандемијата во месец март, ние понудивме 40 болнички кревети за интензивна нега за потребите на државата. Во меѓувреме, ситуацијата со бројот на ковид-пациенти ескалираше. Свесни сме дека состојбата е тешка и со месеци наназад, како во јавното здравство така и кај нас, имаме огромен притисок од пациенти. Нема слободен кревет и има листа на чекање, која секојдневно се зголемува, вели академик Митрев.

Тој потенцира дека работат со полн капацитет и оти персоналот им е веќе преморен, а дел и во изолација.

– Моментално 80 кревети се пополнети и имаме над 30 пациенти, кои чекаат да добијат слободен кревет. Како се отпуштаат оздравените на дневно ниво, така се пополнуваат сите кревети. Бидејќи ситуацијата е навистина сериозна, јас и целиот свој тим се ставаме на располагање да помогнеме со нашето знаење и искуство, кое го имаме од третирање на најтешките форми на инфекциите од ковид-19, вели академик д-р Митрев.

Митрев нагласува дека од медиумите разбрал за планот на Владата да прогласи кризна состојба и да ги вклучи и приватните здравствени институции во справувањето со епидемијата предизвикана од ковид-19. Слободен печат стапи во контакт со Клиниката, од каде што добивме информација дека се уште никој од Министерството за здравство не ги исконтактирал на кој начин ќе се регулира престојот на пациентите во Клиниката и кои пациенти ќе имаат предност при користење на услугите на болницата. 

Од Аџибадем Систина добивме неофицијална информација дека се уште никој не контактирал со раководството. Таму во моментов тече состанокот на кој ќе ги утврдуваат деталите во однос на цената за престојот на пациентите. Како што дознаваме, раководството на Систина ја чека уредбата од Владата за прецизирање на условите на приватните болници.

И во Солун две приватни клиники се комплетно ставени во  функција на државата, врз основа на соодветниот закон изгласан од грчкиот Парламент, а поради лошата епидемиолошка слика.

Министерството за здравство на Грција вчера, преку итен допис, го повика Здружението, од нивните членови најдоцна до 21 часот синоќа, да побара да одредат и отстапат 200 кревети за лечење на пациенти со Ковид-19 во регионалната единица Солун.

Одговорот од Здружението на приватни клиники беше негативен, по што следеше и одлуката на Министерството за здравство за реквизиција на двете приватни болници.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот