Приоритет да им се даде на невакцинираните

Вакцинација / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Tретата доза би требало да биде мРНK вакцина, меѓутоа фокусот треба да се стави на целосната имунизација со две дози, вели професорот на Медицинскиот факултет Драган Даниловски.

Досега ниту едно од регулаторните тела во светот, ниту Светската здравствена организација, немаат јасен став за примање трета доза вакцина.

Ова е одговорот на Министерството за здравство на прашањето на „Слободен печат“ дали во Македонија на граѓаните ќе им се даде опција да примат трета доза од вакцината.

Оттаму велат дека ставот на Комитетот за имунизација во земјава е да се прими вакцина и ревакцина од ист производител, но за третата доза нема став.

Комитетот за имунизација на Србија веќе препорача третата доза од вакцината за српските државјани да биде со некоја т.н. мРНК вакцината, односно вакцините на „Фајзер/Бионтек“ или на „Модерна“.

 

Според експертите, има време за трета доза

 

Дали има потреба за трета доза и каква е користа од т.н. бустер-доза, односно ревакцинација и со трета доза заради зголемување на отпорноста кон коронавирусот, го прашавме и професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски.

– Ние најнапред треба да го вакцинираме населението со две дози. Опфатот со само една доза на возрасните повозрасни од 50 години просечно е околу 50 проценти. Тоа не е ни оддалеку доволно. Има време за трета доза со мРНК-вакцина – ни рече д-р Даниловски.

Претседателката на Комитетот за имунизација, д-р Александра Грозданова, вели дека Комитетот уште нема став по ова прашање.

– Кога Комитетот ќе заземе став за ова прашање, ќе ве информираат од Министерството за здравство – ни изјави таа.

Професорот на Медицинскиот факултет, д-р Никола Пановски, за „Слободен печат“ вели дека засега е рано да се размислува за трета доза.

– Акцентот треба да се стави на невакцинираните. Ако се вакцинираат еден милион полнолетни граѓани, би можело да се почне со т.н. бустер-доза на мРНК, пред сè, за ранливите групи, оние над 70 години, вакцинирани со „Синофарм“ или со „Синовак“ – вели д-р Пановски.

 

Србија препорача трета доза

 

Во меѓувреме, соседна Србија препорача трета доза вакцина, а Кризниот штаб на оваа земја до 1 август треба да одлучи дали ќе ја прифати препораката. Третата доза во Србија треба да се даде најрано шест месеци по втората, најдобро би било да биде од „Модерна“ или од „Фајзер/Бионтек“, зашто тие се мРНК-вакцини, но ако нема доволно такви, тогаш би се дозволило каква било вакцина.

Државниот секретар на српското Министерство за здравство, Мирсад Ѓерлек, за Радио телевизија Србија изјави дека воведувањето трета доза би било дополнителна заштита за ранливите категории од населението, кои имаат имунолошки систем што дава послаб одговор на имунизацијата. Третата доза би била наменета и за здравствените работници, но и за сите други што ќе изразат интерес за тоа. Ѓерлек посочи дека третата доза го зајакнува имунитетот и е наменета за хронично болните што боледуваат од потешки болести, меѓу кои тие со карцином, лицата со трансплантација на коскена срцевина и постарите од 70 години, сместени во домовите за стари лица. Според него, светските истражувања покажале дека третата доза го зајакнува имунитетот кај луѓето што немале силен имунолошки одговор по двете првични дози. Идејата да се вакцинираат граѓаните со трета доза особено стана актуелна по појавата на позаразната делта-варијанта на вирусот. Засега Центарот за контрола и превенција на болести на САД не препорачува „мешање“ на вакцините, односно препорачува сите дози да бидат од ист производител поради недоволно информации за тоа какви ефекти би предизвикало мешањето на дозите.

 

Почна вакцинацијата и во домашни услови

 

Во земјава вакцинацијата се одвива без закажан термин, а од вчера почна да се закажува и во домашни услови за оние што од здравствени причини не се во можност да дојдат на вакциналните пунктови. Закажувањето е преку јавување во здравствените домови или со директно пријавување на пунктовите за вакцинација.

Според последните објавени статистики на Институтот за јавно здравје, во саботата се регистрирани 24 позитивни случаи на коронавирусот од направени 4.133 тестирања во едно деноноќие. Вкупниот број на ковид-позитивни во земјава е 310. Оздравени се шест пациенти и нема пријавено починато лице.

Од вкупно 330.320 граѓани со примени две дози од вакцината, 96 биле позитивни на ковид по примена втора доза вакцина. Од 96-те позитивни, 56 се заразиле во период помал од 21 ден по примената втора доза од вакцината. Само 13 од заразените биле хоспитализирани. Нема ниту еден починат пациент со ковид-19 што примил две дози вакцина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот