Принцот Хари се откажа од кралската титула: На поло-турнир се појави како Хари Велс
Откако неговиот вујко, Ендру Маунтбатен-Виндзор, ја загуби титулата принц, и принцот Хари неодамна во јавноста се појави без да ја користи својата кралска титула. За време на учеството на еден поло-турнир, тој бил претставен едноставно како Хари Велс.
Препорачано
– Хари беше најавен како Хари Велс, без никакво спомнување на кралска титула, ниту еднаш, открил извор ексклузивно за „Пејџ сикс“.
Наводно, војводата од Сасекс сакал мирно да ужива во спортот, во друштво на својот близок пријател, професионалниот поло-играч Начо Фигерас.
Она што предизвика збунетост кај јавноста е зошто Хари решил да го користи презимето Велс, со оглед на тоа што тој и неговата сопруга Меган Маркл формално го користат презимето Сасекс.
Хари е роден како Неговото Кралско Височество принц Хенри од Велс, а името Хари Велс го користел и додека служел во британската војска. Тоа е дел од долгогодишната кралска традиција, според која принцовите и принцезите го користат територијалното име на својот татко како презиме. Истото го правел и принцот Вилијам за време на воената служба, а денес тој ја носи титулата принц од Велс, откако нивниот татко, кралот Чарлс Трети, стапи на престолот.
Инаку, покојната кралица Елизабета Втора по венчавката во 2018 година им ги додели титулите војвода и војвотка од Сасекс на Хари и Меган. Две години подоцна, парот се повлече од кралските должности, но на официјалната веб-страница и понатаму се претставуваат како „Принц Хари и Меган, војвода и војвотка од Сасекс“.
Меган, која е водителка на шоуто „Со љубов, Меган“ (With Love, Meghan), потврди дека го користи презимето Сасекс наместо Маркл. И покрај повлекувањето од кралските обврски и преселбата во САД во 2020 година, парот останува решен да ги задржи титулите за себе и за своите деца.
Во интервју за емисијата „60 Minutes“ во 2023 година, новинарот Андерсон Купер го праша Хари зошто не се откажале од титулите, на што тој одговори: „А каква разлика би направило тоа?“
Сепак, извор откри дека Хари во јуни годинава размислувал и за можноста да го земе моминското презиме на својата покојна мајка, принцезата Дијана – Спенсер, поради долгогодишните несогласувања со дел од членовите на кралското семејство.


