Принцот Ендру и Сара Фергусон, 2015 / Фото: EPA/WILL OLIVER

Принцот Ендру под истрага, Сара Фергусон обвинета за злоупотреба: Поранешниот кралски пар може да биде протеран од Британија

Поранешниот војвода од Јорк, принцот Ендру, повторно е во центарот на голем скандал. Лондонската полиција покрена истрага против него поради серија јавни прекршоци и злоупотреба на службена должност, а според британските медиуми, не е исклучена можноста тој да заврши во затвор, пишува „Њујорк пост“.

Историчарот Ендру Лауни, автор на книгата „Привилегирани: подемот и падот на Куќата Јорк“ (Entitled: The Rise and Fall of the House of York), изјави за телевизијата Њуз нејшн дека доказите против принцот се „сосема јасни“ и дека „најверојатно ќе биде осуден“.

Според него, третото дете на кралицата Елизабета Втора и принцот Филип, денес познат како Ендру Маунтбатен-Виндзор, нема да биде обвинето за трговија со луѓе, туку за финансиски малверзации и злоупотреба на функцијата.

На 3 ноември, Ендру беше лишен од сите кралски титули поради наводите дека бил меѓу познатите клиенти на Џефри Епстин.

Како трговски изасланик на Обединетото Кралство од 2001 до 2011 година, принцот често патувал во земји како Либија, Казахстан и Лаос, каде одседнувал во луксузни хотели и избегнувал сместување во амбасади, што дополнително предизвикало сомнежи за неговото однесување.

Полицијата, исто така, ги разгледува тврдењата дека Ендру во 2011 година побарал од полициски службеник да прибави лични информации за неговата обвинителка, Вирџинија Џуфре.

Џуфре, која почина во април годинава, во својата автобиографија „Ничија девојка“ (Nobody’s Girl), објавена постхумно во октомври, тврди дека Џефри Епстин ѝ наредил трипати да има сексуален однос со принцот Ендру, меѓу кои и кога имала само 17 години.

Организацијата „Рипаблик“, која се залага за укинување на британската монархија, побара од адвокати да разгледаат можност за кривично гонење на Ендру поради сексуален напад, корупција и злоупотреба на службена должност.

Во исто време, Сара Фергусон, поранешната сопруга на принцот, е под истрага поради сомнителна употреба на средства од нејзините книги и комерцијални договори за лична корист, наместо за добротворни цели за кои биле наменети.

„Фергусон, всушност, ги користела добротворните организации за да оствари профит. Ќе се соочи со сериозни последици“, изјави Лауни.

Историчарот предвидува дека поранешниот кралски пар најверојатно ќе мора да ја напушти Англија.

„Ендру ќе се пресели во Обединетите Арапски Емирати, по примерот на поранешниот шпански крал Хуан Карлос, а Фергусон ќе најде засолниште во Португалија или Швајцарија, задржувајќи мал престој во Лондон со помош на пријатели“, додаде тој.

Од Бакингемската палата засега нема официјален коментар за случајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот