Приказни од карантин: „Јаболкa во магла“ од 28 автори

Необичниот и непретенциозен проект „Писателите едни на други“ резултираше со книга во која се објавени песни, кратки раскази, есеи и цртежи од 28 автори, главно од балканскиот регион. Станува збор за книгата „Јаболкa во магла“, која неодамна излезе во Црна Гора. Текстовите во книгата се објавени на јазикот на кој зборуваат и пишуваат самите автори, а жанровски опфаќаат широк спектар на израз и интереси на авторите. Во книгата се објавени и неколку кратки раскази од македонскиот писател Александар Прокопиев.

– Проектот почна многу непосредно, би рекол ковитски, во време кога ковид-19 веќе се прошири низ целиот свет. Мојата пријателка Соња Живаљевиќ доби идеја повеќе нејзини пријатели, поети, писатели и сликари, на имејл да ѝ испраќаат сѐ што ќе напишат или насликаат. Целта беше да не бидат само размисли поврзани со карантинот и пандемијата, туку сите песни, раскази или цртежи што ќе ги направат во тој период да ги праќаат на нејзината имејл-адреса. Тоа траеше околу пет месеци. Кон крајот на септември Соња одлучи да направи книга од собраните материјали со имејл-преписката. Од македонските автори во книгата сме застапени Лидија Димковска и јас, а дел од книгата се и автори од целиот регион, и пошироко, на различни возрасти. Тоа за мене беше мало чудо. Кон проектот сите се приклучија со голем ентузијазам, вклучувајќи и 80-годишни автори – објасни Александар Прокопиев.

Александар Прокопиев

Уредничка на книгата е Соња Живаљевиќ, која текстовите ги наредила хронолошки како што пристигнувале, а книгата е објавена како издание на Глигорије Дијак и „Ратковиќевите вечери на поезијата“. Илустрациите на кориците се на македонската сликарка Маја Стефановска. „Сите станавме дел од една голема и убава приказна“, констатира Гојко Божовиќ, додека Вил Фирт поентира: „Нашиот пат низ маглата продолжува, со слатки плодови во џебовите“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот