Пријателите, семејството и соработниците се простија од Енвер Малиќи

Во чест и сеќавање на заменик-градоначалникот на Град Скопје Енвер Малиќи денеска со едноминутно молчење почна и се одржа онлајн комеморативна седница. На комеморацијата од починатиот заменик-градоначалник се простија членовите на неговото семејство, пријателите и соработниците.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на комеморацијата истакна дека со неговото заминување изгубивме голем и искрен пријател, но и соработник кој, како што рече, несебично го делеше своето обемно искуство во повеќе области.

– Бидејќи беше човек со ведар дух, со него лесно се разговараше за сите теми, па така често разменувавме мислења за развојот на локалната самоуправа, за економијата, како и за политички теми поврзани со земјава и регионов. Тие што го познаваа Енвер, знаат дека тој од ништо не се плашеше и секогаш беше подготвен за нови предизвици. Енвер беше еден од највлијателните стопанственици во државата и затоа беше почитуван во бизнис заедницата како успешен бизнисмен, но како голем хуманист и филантроп. Нема зборови кои можат да ја ублажат болката на семејството коешто доживеа ненадоместлива загуба, но изгубивме и сите ние коишто го познававме Енвер. Тој беше човек со големо срце и со разбирање за проблемите и потребите на своите сограѓани. Нека ти е светол патот мој пријателе и почивај во мир, рече Шилегов.

Во име на советниците на Советот на Град Скопје сочувство до семејството Малиќи изрази Бесник Ајети, од ДУИ.

– Дозволете во мое име и во име на колегите да ви изразам длабоко сочувство по повод заминувањето од овој свет на најскромниот колега, бизнисмен и човек што некогаш сум го познавал, покојниот г. Енвер Малиќи. Несомнено, господин Енвер беше посебен по својата професија и пошироко. На овој почесен ден, духовно и во молитва сме заедно со семејството Малиќи. Нека е вечен споменот за него, рече советникот Ајети.

Во просториите на Град Скопје (пред влезот во Кабинетот на градоначалникот, барака број 4) денеска е отворена книга на жалост за прерано починатиот заменик-градоначалник Енвер Малиќи. Сите граѓани коишто сакаат да се запишат во книгата на жалост ќе можат да го направат тоа од 11 до 16:30 часот, до петок.

Заменик градоначалникот на Скопје, Енвер Малиќи почина вчера наутро од компликации со коронавирусот во „Систина“ откако претходно бил лекуван десет дена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, потврдија за „Слободен печат“ од болницата.

Почина Енвер Малиќи од компликации со ковид-19

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот