Приговорите на ранливите потрошувачи ќе бидат итни и приоритетни за решавање – РКЕ подготви нови Правила за споровите
Со донесувањето на новиот Закон за енергетика, се создадоа предуслови за донесување и нови Правила за постапување по приговори и за решавање спорови, велат од РКЕ
Регулаторната комисија за енергетика покрај другото во иднина ќе одлучува и по приговори од: корисник на нафтовод односно продуктовод, од потрошувачите против износот на надоместок за економска загуба пресметан од снабдувачот со електрична енергија, од ранливите потрошувачи, потрошувачите, активните потрошувачи и потрошувачите здружени преку агрегатор против снабдувачите, операторот на електропреносниот и електродистрибутивниот систем и операторот на пазарот на електрична енергија и кога потрошувачот склучил договор за снабдување со електрична енергија со динамична цена со повеќе снабдувачи во согласност со правилата за снабдување со електрична енергија.
Препорачано
Со Предлог-текстот на Правилата за постапување по приговори и за решавање спорови, кој РКЕ го објави на нивната веб-страница, тие ќе одлучуваат и за приговорите на крајните потрошувачи што учествуваат на пазарот на електрична енергија, активните потрошувачи, производителите на електрична енергија и операторите со складишта на електрична енергија приклучени на електропреносната или електродистрибутивната мрежа, кои имаат склучено договор за агрегација со вршител на енергетска дејност – агрегатор, активни потрошувачи што поседуваат складиште за енергија.
Со донесувањето на новиот Закон за енергетика, се создадоа предуслови за донесување и нови Правила за постапување по приговори и за решавање на спорови. Со Предлог-текстот на Правилата за постапување по приговори и за решавање спорови се уредува постапката, износот и начинот на покривање на трошоците во постапките по приговори и за разрешување спорови.
– Регулаторната комисија за енергетика ќе одлучува во постапка за разрешување спорови настанати од извршување на договорите помеѓу вршители на нерегулирани енергетски дејности, како и помеѓу вршители на нерегулирани енергетски дејности и потрошувачите што учествуваат на пазарите на енергија на големо, кога за тоа се договориле договорните страни. Посебен акцент е ставен на потрошувач што спаѓа во категорија ранлив потрошувач утврден во годишната Програма за заштита на ранливи потрошувачи на Владата на Република Македонија, кој подложи на посебни мерки и постапка за заштита и унапредување на правата на ранливите потрошувачи во однос на приклучување на објектот на ранливиот потрошувач на енергетски мрежи, условите во договорите за снабдување и постапување по приговорите. Приговорот од ранлив потрошувач е итен и се зема во приоритет при решавање. Според овие правила, рокот за одлучување по приговорите е подолг, односно по доставениот приговор РКЕ одлучува во рок од четири месеци од приемот на приговорот – стои во новите правила.
На 8 октомври 2025 година Регулаторната комисија за енергетика на својата веб-страница ги објави Предлог-правилата за постапување по приговори и за решавање спорови, како и соопштение со кое ги повика сите заинтересирани страни да достават по електронски пат свои сугестии, забелешки и предлози, најдоцна до 24 октомври 2025 година, по однос на Предлог-правилата за постапување по приговори и за решавање спорови.


