Претставници на Хамас во Москва: „Срамно“, критикува Израел

Руско МНР фото МИА

Руското Министерство за надворешни работи во Москва преговарало со претставници на милитантниот исламистички Хамас за ослободување на заложниците. Израел реагираше луто и говореше за „поддршка на тероризмот“.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека во разговор на дипломати од министерството со претставници на палестинското исламистичко движење Хамас во Москва се зборувало за ослободување на заложниците, кои Хамас ги киднапира по терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври, како и за евакуација на Русите од Појасот Газа.
Во соопштението се наведува дека на разговорите во Москва бил присутен и Муса Абу Марзук, член на Политбирото на Хамас, кому му било кажано дека Русија се залага за итно ослободување на странските заложници во Појасот Газа.

Разговори со Хамас и во Катар

Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека е „потврден непроменливиот став на Русија во корист на спроведувањето на познатите одлуки на меѓународната заедница, вклучително и релевантните резолуции на Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН, кои предвидуваат создавање на суверена палестинска држава во границите од 1967 година, со главен град во источен Ерусалим“.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Михаил Богданов претходно се сретна со претставници на Хамас во Катар за да разговараат за заложниците. Според израелските информации, терористите држат повеќе од 220 лица во Појасот Газа кои ги киднапираа при бруталниот напад врз Израел на 7 октомври, кој предизвика војна меѓу Израел и Хамас. Според Москва, најмалку двајца од нив имаат руско државјанство.

Остра осуда од Израел

Израел ја повика Русија да ја протера делегацијата на Хамас, велејќи дека поканата да дојде во Москва е „срамна“ и „за секаква осуда“.

„Хамас е терористичка организација полоша од ИД“, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се наведува дека рацете на лидерот на Хамас се „покриени со крвта“ на повеќе од 1.400 Израелци кои беа „масакирани, убиени, ликвидирани и запалени“.

„Тие се одговорни за киднапирање на повеќе од 220 Израелци, вклучувајќи бебиња, деца, жени и постари лица“, се вели во соопштението.

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот