Претседателските амбиции на најголемиот сојузник на Макрон

Фото Слободен печат/ Профимедиа

Францускиот министер за економија и еден од најголемите сојузници на претседателот Емануел Макрон, Бруно Ле Мер, поттикнат од актуелните немири кои владејат во таа земја, може да го искористи притисокот врз Владата за да ги оствари своите претседателски амбиции, што според француските медиуми е јавна тајна во Елисејската палата.

Ле Мер, кој е министер за економија веќе шест години, во 2017 година ја напушти француската Републиканска партија и се приклучи на партијата на Макрон. Оттогаш Ле Мер го сметаат за еден од најголемите сојузници на францускиот претседател.

Во последниве недели Ле Мер добива сѐ поголемо внимание, откако јавно ги одбиваше предлозите од кабинетот на француската премиерка Елизабет Борн.

„Можам да имам свое мислење!“ им рекол Ле Мер на неколку сопартијци, пишува познатиот француски весник „Монд“.

Бруно Ле Мер/ Фото Ludovic MARIN / AFP / Profimedia

Пензиските реформи причина за нов бран протести во Франција

Иако Французите го сметаат Ле Мер за еден од столбовите на политиката на Макрон, несогласувањето околу пензиските реформи на француската Влада длабоко ја поделија владејачката партија.

Владата на францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да ја заживее неговата иницијатива за економски реформи и да постигне голема политичка победа со почнување реформа на пензискиот систем наспроти жестокото противење на синдикатот. Како последица на оваа иницијатива на француската Влада, во Париз се одржаа големи немири. Ваквите штрајкови и протести не се ништо ново во Франција, земја позната по крвавите демонстрации.

Неделава француската Влада соопшти дека ќе продолжи со плановите за зголемување на старосната граница за пензионирање на 64 години. Се вели дека ова е неопходно за да се врати економската рамнотежа – но Макрон сѐ уште е далеку од убедување на синдикатите.

Пензиската реформа во Франција, каде правото на целосна пензија се стекнува од 62-годишна возраст, отсекогаш била чувствителна тема, особено сега со растечкото незадоволство поради зголемените трошоци за живот.

Шанса за Ле Мер

Како што пишуваат француските весници, Бруно Ле Мер веќе го има својот поглед на изборите во 2027 година. Многумина во Владата сметаат дека тој ќе си ја проба среќата за да седне во Елисејската палата.

Ле Мер како политичар ужива репутација на културен човек, кој покрај француски, течно говори и германски јазик. Тој во неколку наврати знаеше да го цитира Аристотел на своите прес-конференции. Како што објаснил Ле Мер, тој во своето слободно време често знаел да пишува романи, а додека бил студент пишувал романтични книги под псевдонимот „Дук Вилијам“.

Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер/ Фото EPA-EFE/ANTÓNIO PEDRO SANTOS

Неговиот однос со европските сојузници може да биде предност доколку тој одлучи да влезе во претседателска трка. Тој ужива добри релации со останатите економски министери од ЕУ, каде што се постави како клучен играч во борбата против инфлацијата низ Европа. Неговиот критичен став кон САД, исто така го направија Ле Мер како клучен во зацврстените трансатлантски односи.

Според политичките анкети, Ле Мер е најпознатиот министер во Владата на Макрон, а тој стекна уште поголема популарност за време на ковид-пандемијата, откако Франција релативно успешно се справи со економските последици кои ги погодија компаниите.

Бидејќи Макрон нема да може повторно да се кандидира за претседател, трката за негов наследник на изборите во 2027 година е тема за коментирање во француските медиуми уште во изминативе месеци.

Егото на страна

Недоразбирањето меѓу Макрон и Ле Мер започнаа откако претседателот јавно ги критикуваше економските политики на земјата.

„Во политиката мора да го ставите егото на страна“ изјави Макрон за телевизијата „БФМТВ“ по расправијата.

Фото: EPA-EFE/Ludovic Marin

Критики кон Ле Мер стигнаа и од некои останати сопартијци, кои се на страната на претседателот во овој случај.

„Тој едноставно ни кажа јас сум Бруно Ле Мер и не ме интересирате!“, изјави Орор Берже, шеф на владејачката партија во парламентот.

Ова не е првпат Ле Мер да ги налути поддржувачите на Макрон, кои го обвинуваат министерот за економија дека често ги игнорира советите од премиерката и претседателот.

„Бруно Ле Мер никогаш не ја исклучи можноста да се кандидира за претседател. Тој е лојален министер, но смета дека еден ден може да го наследи Макрон“ изјави Берже.

Тешко е уште да се предвиди што може да се случи во наредниве четири години, знаејќи дека на Европа ѝ се заканува рецесија и дека војната во Украина влегува во една нова фаза. Постојат многу фактори, и внатрешни и надворешни, кои ќе ги разјаснат амбициите на Ле Мер, но тој со сигурност е еден од можните кандидати за наследник на Макрон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот