Димитар Апасиев Фото Драган Митрески/ Слободен печат

Претседателот на Уставниот суд Костадиновски ги „судри“ Апасиев и Мицкоски

Лидерот на Левица од собраниската говорница го праша премиерот дали стои зад проектот за вдомување на Костадиновски на универзитет по завршувањето на мандатот како уставен судија и доби кус одговор „не“ и совет да се обрати на друго место.

Премиерот Христијан Мицкоски не му ветил на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски дека ќе му помогне да стане универзитетски професор откако во јануари ќе му заврши мандатот како уставен судија. Мицкоски на собраниската седница за опозициски пратенички прашања кусо со „не“ му одговори на пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев прашан дали тој лично стои зад „проектот“ за вдомување на Костадиновски на Универзитет по завршување на мандатот како уставен судија.

– Може прашањето треба да го поставите на друго место затоа мојот одговор ќе биде краток и велам не – рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Апасиев од говорница со врамена фотографија на која се Костадиновски и Мицкоски рече дека за разлика од пратеникот и лидер на СДСМ Венко Филипче, ќе постави конкретно прашање.

– Видовме дека немаме систем и решив по име и презиме и со фотографија да поставувам прашања. Од три извори има потврдени индиции за ова што ќе го прашам. Дарко е малку постар од вас, тој е вмровски кадар од времето на Борис Трајковски. Тој во 2008 година како секој вмровец го користи периодот да си магистрира. Потоа Бранко Црвенковски го унапредува малку за во времето на Ѓорге Иванов да биде подобро унапреден и во 2012 година да докторира. Поднесов барање да ми кажат во која област докторирал, но не ми одговорија како да станува збор за државна тајна. Сепак ги најдов податоците во билтен на УКИМ и дознав дека докторирал меѓународно право, а во комисијата за докторатот му биле Фрчкоски, Поликсена, сега починатата Тања Петрушевска и Тони Дескоски, сопруг на Рената Дескоска. За каков првртлив опортунист станува збор ќе кажам дека тој во ОН го дава нашиот пример за името како треба да се одбраниме, а потоа го аминуваше илегалниот предлог за референдум. Во 2018 година во времето на Зоран Заев е избран за уставен судија и мандатот му истекува во јануари годинава – рече Апасиев.

Тој потенцира дека Костадиновски целиот живот е на државна функција и дека создал мрежа за и откако ќе му заврши мандатот како уставен судија повторно биде на државна функција.

Димитар Апасиев Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Информациите се дека Костадиновски ве споменувал лично вас дека сте му ветиле дека по мандатот ќе биде избран за професор на некој од државните универзитети. Интересно е дека во мај кога вие станувате премиер, тој во тој период е избран за претседател на Уставниот суд, а сопругата му станува апелациски судија. Веднаш по овие настани откако станува претседател на Уставниот суд тој почнува со „хвалоспеви“ за Владата што е нечуено за уставен судија кој треба да биде во сенка. Интересно е и дека за избор на судија во Стразбур, вие потпишавте две комисии, во едната од Уставниот суд беше само Кадриу, а вам не ви се допаднаа кандидатите кои конкурираа и направивте нова комисија во која го ставивте овој Дарко да биде претседател. Во истиот месец ја отфрливте интерпелацијата за него, поднесена од пратеници што е невидено во парламентарната историја. Еден пратеник од ЗНАМ побара интерпелацијата да се тргне од дневен ред и таа беше отстранета. На вториот конкурс за судија во Стразбур повторно го бираат Јордан Апостолски и деканот Сашо Георгиевски, а токму тој пак, му бил член во комисијата за докторатот на Дарко Костадиновски и ментор за магистратурата. Георгиевски има слична историја со вас премиере. Тој е првото професорско дете кое станало професор на факултет, што потоа стана пракса. Притисоци за Костадиновски да стане професор одат прво кон УКИМ, но гимнастичкиот професорски систем се самозаштитува и не успеваат па пробуваат на вториот универзитет. Затоа ве прашувам дали лично стоите за проектот за вдомување на Костадиновски на универзитет по завршување на мандатот како уставен судија – го праша Апасиев премиерот.

Пратеникот го потсети Мицкоски дека тој лично неодамна кажа дека е поминато времето кога одредени функционери лично се повикуваат на премиерот дека ќе завршат некому работа. Откако Мицкоски негираше, Апасиев рече дека е задоволен од одговорот, но и дека ќе почека до следниот јануари за да види дали Костадиновски ќе стане професор. Во таков случај пратеникот рече дека ќе му каже на премиерот дека кажал невистина.

Рина Ајдари Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Координаторката на пратеничката група на ДУИ Рина Ајдари го праша вицепремиерот Беким Сали зошто не присуствувал на протестот на студентите кои бараат правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.

– Законот за употреба на јазиците јасно го утврдува статусот на албанскиот јазик. Зошто не бевте на протестот на студентите и лично да ја слушнете нивната загриженост. Заштитата на албанскиот јазикот е света кауза. Дали сте свесни дека има Закон за употреба на јазиците, Инспекторат за спроведување на законот и агенција кои ние ги направивме, а вие требаше само да ги спроведете. Треба да преземете одговорност дека се газат правата на Албанците во државата. Во време кога студентите беа на улица, требаше да бидете таму и да ги слушнете. Вчера Мицкоски со ваше одобрување ги запознал НАТО и ЕУ дека студентите сакаат да ја дестабилизираат земјата. За колку го продадовте албанското прашање, за една фотелја или за еден мандат на пратенички – праша Ајдари.

Вицепремиерот Сали одговори дека се чуди на обвинувањата бидејќи ДУИ 22 години била на власт.

– Ниту еден ваш министер не паметам дека примил странка кога имало некаков проблем. Јас сум протестирал поради неправди кои вие сте ги направиле. Студентите беа на средба кај мене, го слушнав нивното вознемирување и презедовме мерки. Студентите ќе полагаат правосуден испит на албански јазик. Вие протестирате против тоа што вие сте го направиле изминатите 22 години – рече Сали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот