Претседателот на гостиварскиот суд е осомничен за поткуп, ама не оди во притвор
Претседателот на гостиварскиот основен суд, Елјеса Алији, е осомничен дека примил мито од 8.000 евра за да влијае кај судии во граѓански спор. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против Алији и судскиот администратор, кои на почетокот на 2023 година наводно ѝ ветиле на странка дека ќе ѝ помогнат. Најпрвин побарале помала сума на пари, но потоа уште неколку илјади евра, тврди ОЈО ГОКК.
Препорачано
„За надомест од 5.000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбивателна пресуда. Откако не успеале, повторно по барање на осомничените, со дополнителни парични средства во износ од 3.000 евра требало да интервенираат кај судии во втор степен за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката“, информира ОЈО ГОКК.
Судскиот администратор, според Обвинителството, добил 800 евра за да заврши работа околу доставениот писмен документ од извршител.
„Осомничените во периодот од месец јануари 2023 година до 2025 година, заедно со умисла, искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како Претседател и Судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8.000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и совет на судии во Апелациониот суд Гостивар за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“, додаваат од ОЈО ГОКК.
Судијата Алији имаше контроверзна кариера во која, меѓу другото, и самиот призна дека шест години чувал предмети во фиока за да застарат. За ова, тој беше казнет со само 15 отсто од платата шест месеци. Таквата пракса, која ја утврди Судскиот совет, сепак, не беше пречка тој да биде избран за в.д. претседател на гостиварскиот суд. Алији претходно беше и в.д. претседател на Основниот суд Тетово.
Тој и судскиот службеник сега се гонат за примање награда за противзаконито влијание, а обвинителството не бараше притвор, туку мерки на претпазливост, кои Кривичниот суд попладнето соопшти дека се изречени.
На двајцата осомничени им се одземени пасошите, а имаат и обврска за повремено јавување кај службено лице, забрана за издавање нови документи за патување, забрана за преминување на државната граница и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело.
Кривичниот суд во соопштението пишува дека не можел да определи построги мерки од оние кои ги предложило Обвинителството.
„Со оглед дека од страна на обвинителството предлозите беа поднесени за определување мерки на претпазливост, судот не може да одлучи да определи построга мерка за осомничените“, наведе судот.


