Даниел Нобоа, претседател на Еквадор/Фото: BORIS ROMOLEROUX / imago stock&people / Profimedia

Претседателот на Еквадор, Нобоа, сака нов устав за борба против криминалот

Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа во средата предложи да се изготви нов устав за земјата, со цел да се овозможи зајакнување на репресивните механизми за борба против трговијата со дрога и организираниот криминал.

Откако ја презеде власта во 2023 година, Нобоа, 37, син на магнат кој работи со извоз на банани, постојано инсистираше на ревизија на членовите од уставот на латиноамериканската земја. Сепак, некои од неговите планови, вклучително и особено оној што би дозволил хемиска кастрација на силувачи, наидоа на отпор од Уставниот суд, чие зелено светло е неопходен услов за ревизија на основниот закон.

„Гласавте за промена, промена што не може да се консолидира сè додека сегашните правила нè спречуваат да се бориме директно против организираниот криминал и политичките структури што го штитат и фаворизираат“, рече еквадорскиот шеф на државата во отворено писмо до граѓаните, кое го објави преку социјалните мрежи.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Daniel Noboa Azin (@danielnoboaok)

„Соочени со оваа ситуација, нема простор за изговори, само за акција“, продолжи тој, предлагајќи „да се свика Уставотворно собрание (…) кое ќе му даде власт на народот и ќе ја ослободи земјата од институционално заложништво“.

Сегашниот Устав на Еквадор стапи на сила во 2008 година, под претседателство на социјалистот Рафаел Кореа, политички противник на Нобоа, кој живее во егзил во Белгија.

Меѓу промените што Нобоа сака да ги протурка е повторно да се дозволат странски воени бази во земјата, нешто што сегашниот устав го забранува, за да може Еквадор да добие помош – од Соединетите Американски Држави – во своите операции против дрогата. Тој се стреми да одржи референдум за ова во ноември.

Американската војска некогаш имала база во Манта, на југозападот од земјата, пред претседателот Кореа да ги протера Американците во 2009 година.

Еквадор, земја со стратешки пристаништа во Пацификот, доларизирана економија, со локација помеѓу Колумбија и Перу, двете земји со најголемо производство на кокаин во светот, стана центар преку кој 70% од овој бел прав се шверцува на меѓународно ниво, според официјалните податоци.

Според „ИнСајт Крајм“, земјата со приближно 18 милиони граѓани била најопасната во цела Латинска Америка во 2024 година, со 39 убиства на 100.000 жители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот