Претседателката ќе предложи две „реформаторки со огромен углед“ за Судскиот совет
Професорка и адвокатка кои ги нарече „реформаторки со огромен углед во општеството“, ќе бидат новите членови за Судски совет што ќе ги предложи претседателката Гордана Сиљановска – Давкова откако во Собрание беше изгласан новиот Закон. Таа го најави ова во вчерашното новогодишно интервју за првиот канал на Македонската телевизија.
Препорачано
Не сакаше да ги објави имињата и најави дека ќе го стори тоа пред да стигне предлогот во Собранието.
– Вакацио легис е седум дена, осмиот ден ќе стапи во сила законот и веднаш ќе обзнанам, пред да дојде предлогот во Собранието – рече Сиљановска-Давкова.
На прашањето што е клучно во новиот закон и како тој треба да придонесе за реформите, таа рече дека една од најважните промени е воведувањето построги критериуми за тоа кој може да биде кандидат за член на Судскиот совет. Во претходното законско решение стоеше само одредницата „истакнат правник“, што според Сиљановска-Давкова е чудна синтагма што загубила секакво значење. Тоа, како што додаде, било главната причина зошто го чекала овој закон пред да предложи членови.
-Основната идеја беше да се креира еден рендгенски, микроскопски судски инструмент, во којшто ќе седат луѓе што се доближиле до врвот на правната професија, станале легитимни да ги оценуваат другите, да ги избираат, да ги казнуваат, да ги дисциплинираат. За тоа се потребни строги критериуми – рече претседателката во интервјуто.
Таа додаде дека се важни и одредбите што треба да доведат до департизација и деполитизација, јавност и транспарентност, како и поинаква организација на работата.
Собранието вчера, со 73 гласа „за“ и еден „воздржан“ го донесе Законот за Судски совет. На двајца членови од Судски, поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева и на Миљазим Мустафа им истече мандатот, а двајцата беа избрани на предлог на претседателот.


