Претпријатието не исплатило две плати, а вработува нови 400 лица пред избори! „Национални шуми“ нема да сечат и продаваат дрва од 7 март

Дрва за огрев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Работниците што се изложени на надворешни влијание и работат во исклучително тешки услови, просечно се платени околу 25.000 денари, велат од Синдикатот за градежништво.

Вработените во ЈП „Национални шуми“ од 7 март нема да сечат, ниту да продаваат огревно дрво, оти ќе штрајкуваат. Штрајкот, како што соопшти Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), добил поддршка од две третини од 30 подружници на ова јавно претпријатие. Штрајкот ќе трае сè до исполнување на нивните барања за исплата на три заостанати плати, но и на другите надоместоци и додатоци, а особено се гневни што повеќе од една година, не се исплаќа надоместокот за теренска работа. И апсурдот да е поголем, претпријатието пред изборите вработи нови 400 лица, кои ќе ја загрозат судбината на останатите 2.000!

– Раководството направи огромен проблем со тоа што на 400 нови работници ќе им даде решенија, ама на останатите 2.000 нема да им исплати плата. Проблемите се влечат со години во „Национални шуми“, кои се основани од државата уште во 1998 година. Работниците што се изложени на надворешни влијание и работат во исклучително тешки услови, просечно се платени околу 25.000 денари. И во исклучително тешки моменти, кога доцни платата за јануари и февруари, не се уплаќаат придонесите, се вработуваат нови 400 работници. Овие лице и досега работеа како сезонци и ако претпријатието толку се грижеше за нивната судбина, можеше порано да им го реши статусот, а не да ги чека изборите. Штрајкот е поддржан од синдикалните претставници од сите подружници низ државата на ова претпријатие, и ова ќе биде првпат да се штрајкува, но немаше друго решение – порача Пешевски.

Тој го повика раководството на ЈП „Национални шуми“ да си поднесат оставки затоа што ја загрозиле судбината на илјадници вработени.
Инаку, во моментот низ складиштата еден просторен метар огревно дрво (даб и бука) чини 4.500 денари.

Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ на Државниот завод за статистика, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат огревно дрво како примарен извор на енергија. Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање.

Само во Скопје има 70.000 оџаци, а оптималната бројка е 10.000 за да има драстично намалување на загаденоста, сметаат експертите. Огревното дрво во земјава се употребува кај околу 40 отсто од домаќинствата во градовите и кај 85 отсто во руралните општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот