Пресадувањето органи не смее да прерасне во лукративен бизнис

Трансплантација
Трансплантација / Фото: МИА

Трансплантацијата мора да остане под државната капа и да биде контролирана од државата во совршен систем каков што е сегашниот, вели Националната координаторка за трансплантација, д-р Маја Мојсова Мијовска.

Исклучителен револт предизвика меѓу лекарите од јавното здравство вчерашниот обид во Собранието по скратена постапка да се протнат измени во Законот за здравствена заштита, со кои се остава можност да се врши пресадување делови од човековото тело, односно трансплантации и во приватни здравствени установи. Законот веднаш беше стопиран, но огорчените лекари дури сакале да организираат штрајк.

Националната координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска смета дека трансплантацијата мора да остане под државната капа и да биде контролирана од државата во совршен систем каков што е сегашниот.

Водечки кардиохирурзи што учествувале во сериозни операции за пресадување органи, за „Слободен печат“ коментираат дека никаде во светот приватните здравствени установи не пресадуваат органи, туку тоа е задача на универзитетските установи.

– Вршењето трансплантации на органи во приватното здравство е невозможно и не смее да се дозволи. Здравствените регулативи никаде во Европа не дозволуваат приватни установи да пресадуваат органи. Ова не е според регулативите и не се прави никаде во светот. За трансплантација е потребна огромна логистика од многу други супспецијалности, што е невозможно во приватните здравствени установи – вели врвен кардиохирург.

И други стручни лица од оваа област сметаат дека со ваквата законска можност би се отворил патот пресадувањето органи да стане бизнис, што не би смеело да се случува во услови кога државната хирургија не ја наплаќа оваа здравствена услуга.

– Сите амбасади се алармирани по ова прашање. На ваков начин ќе се уништи државното здравство. Срам за цивилизацијата е да се даде трансплантацијата на приватното здравство. Во Европската Унија нема влегување доколку тоа се случи. Сето ова е спроведено без консултација на фелата и без јавна дебата. Вчера ми се јавија повеќе од 70 доктори, кои сакаа да организираат штрајк. Приватните установи за ова немаат научни познавања на материјата, немаат контрола. На крајот на годината, ние даваме извештај за смртност на секој пациент, а во приватните болници тоа го нема – вели кардиохирургот.

Според лекарот, Фондот за здравствено осигурување би им исплаќал десетпати повеќе отколку што чини самата интервенција, а кај нив трансплантациите би се наплаќале меѓу 30.000 и 40.000 евра.

Во Собранието вчера по скратена постапка беа предложени измени во Законот за здравствена заштита. Членот 3 од овие измени предвидуваше во рамките на мрежата на здравствени установи, дејноста на итната медицинска и стоматолошка помош и домашно лекување, како и земањето и пресадувањето делови од човековото тело заради лекување, да ја вршат и приватни здравствени установи покрај јавните здравствени установи, со цел да се воспостави поефективен систем на итна медицинска помош, како и да се усогласи Законот за здравствена заштита со Законот за земање и пресадување на делови од човековото тело заради лекување.

По реакциите, Министерството за здравство се повлече од предлогот и ја информираше јавноста дека со амандман ќе интервенира за да ги повлече измените на Законот за здравствена заштита што се однесуваат на делот на трансплантација на органи заради лекување. Оттаму велат дека се отворени за дебата, а целта е заедно со сите чинители да се надминат разликите за доброто на пациентите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот