Оскари / Фото: Michel Bourquard, Tsuni / USA / Alamy / Profimedia

Преносот на доделувањето на Оскарите од 2029 година ќе се емитува на Јутјуб

Преносот на Оскарите од 2029 година повеќе нема да се емитува на телевизијата Еј-би-си“(ABC), туку ќе се пренесува директно на Јутјуб, откако Академијата за филмска уметност и наука склучи ексклузивен повеќегодишен договор со видео-стриминг платформата на Гугл.

Како што пренесува „Си-ен-ен“, договорот меѓу Академијата за филмска уметност и наука и Јутјуб ќе започне со 101. церемонија на доделување на Оскарите во 2029 година и ќе трае до 2033 година.

„Возбудени сме што склучуваме повеќегодишно глобално партнерство со Јутјуб, кој ќе стане идниот дом на Оскарите и на нашата целогодишна програма на Академијата“, изјавија извршниот директор на Академијата, Бил Крамер, и претседателката на Академијата, Линет Хауел Тејлор, во заедничка изјава.

Како што наведуваат, Академијата е меѓународна организација, а ова партнерство ќе ѝ овозможи да го прошири пристапот до својата работа до најголемата можна светска публика, што ќе биде од корист и за членовите на Академијата и за филмската заедница.

Телевизискиот пренос се емитуваше во живо на „Еј-би-си“ уште од 70-тите години, меѓутоа рејтинзите на Оскарите генерално опаѓаа од врвот во 1998 година, кога филмот „Титаник“ освои 11 статуетки и привлече околу 55 милиони гледачи.

Долби театар, Оскари 2025 – Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Најновиот телевизиски пренос привлече речиси 20 милиони гледачи, што претставува мало подобрување во однос на периодот за време на пандемијата со ковид, но и понатаму е далеку од публиката што ја следеше церемонијата во времето на нејзината најголема комерцијална и културна моќ.

„Оскарите се една од нашите клучни културни институции, кои ја слават извонредноста во раскажувањето приказни и уметноста. Партнерството со Академијата за да ја донесеме оваа прослава на уметноста и забавата до гледачите ширум светот ќе инспирира нова генерација креативци и љубители на филмот, а истовремено ќе остане верно на наследството на Оскарите“, изјави извршниот директор на Јутјуб, Нил Мохан.

Церемонијата, вклучувајќи го и преносот од црвениот тепих и сцените „зад кулисите“, ќе биде достапна во живо и бесплатно за гледачите ширум светот, како и за претплатниците на Јутјуб во Соединетите Американски Држави, соопшти Академијата.

„Еј-би-си“ која беше „горд дом на Оскарите повеќе од половина век“, во соопштение наведе:

„Со нетрпение ги очекуваме следните три преноси, вклучувајќи ја и стогодишнината на церемонијата во 2028 година, и ѝ посакуваме континуиран успех на Академијата за филмска уметност и наука.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот