Фото-илустрација: Затвореници, затвор

Пренатрупани се затворите во Австрија, расте ризикот од насилство

Австрија се обидува да ја реши кризата во затворите со зголемување на капацитетите, но без доволно кадар и услови тоа ја влошува ситуацијата. Пренатрупаноста и недостигот од персонал создаваат ризик од насилство и ја поткопуваат ресоцијализацијата. Најголеми последици трпат малолетниците, кои наместо поправка добиваат систем под притисок.

Состојбата во австриските затвори се влошува со забрзано темпо. Особено алармантен е растот на бројот на малолетни затвореници. За само една година, нивниот број се зголемил за 46 проценти. Во 2024 година имало 125 малолетници во притвор, додека на крајот од 2025 бројката достигнала 182.

Отворањето на новиoт затвор за малолетни во Виена требало да биде чекор напред. Наместо тоа, уште во првите месеци таа установа се соочува со сериозен притисок. Капацитетот од 72 места веќе е надминат, со 82 малолетници во објектот, што значи пополнетост од 114 проценти. Планот на Министерството за правда е капацитетот дополнително да се зголеми на 90. Oвој пристап отвора сериозни прашања. Зголемувањето на бројот на места не значи автоматски подобри услови. Напротив, постојат индикации дека минималниот простор по затвореник нема да може да се испочитува. Дополнително, поради пренатрупаност, малолетниците често се сместуваат заедно со возрасни, што претставува безбедносен и етички проблем.

Кадровската состојба дополнително ја влошува сликата. Од предвидените 71 работно место, пополнети се само 60. Ова значи помалку надзор, помалку образовни и ресоцијализациски програми и повеќе време поминато во изолација. Во пракса, тоа значи систем што функционира под минимален капацитет, но со максимален притисок.

Судир на ставови

Критиките од Народниот правобранител се директни и остри. Според нив, зголемувањето на капацитетот без соодветни услови е погрешна политика. Наместо да се реши проблемот, се создава дополнителен ризик. Hеповолните услови ја зголемуваат можноста за конфликти, а недостигот од персонал ја намалува контролата.

Последиците од ваквите услови најмногу се гледаат во секојдневието на затворениците, кое е обележано со продолжена изолација, ограничени активности и намалени можности за образование и работа. Тоа го поткопува целиот концепт на ресоцијализација.

Министерството за правда, пак, има поинаков пристап. Од таму признаваат дека постојат оперативни предизвици, но нагласуваат дека ситуацијата е под контрола. Според нив, проширувањето на капацитетите е неопходно поради зголемената побарувачка. Дополнително, уверуваат дека безбедноста и редот се гарантирани и дека програмите за ресоцијализација продолжуваат да функционираат.

Овој судир не е само институционален, туку концептуален. Дали проблемот се решава со проширување или со реформа? Дали системот треба да се прилагоди на растот или да го контролира? Засега, одговорот изгледа едноставен, се реагира на последиците, наместо на причините.

Притисок врз институциите и граѓаните

Последиците најсилно ги чувствуваат младите затвореници. Наместо средина што нуди можност за интеграција и нов почеток, тие се соочуваат со ограничувања и притисок. Без доволно програми за образование и обука, шансите за успешна ресоцијализација се намалуваат.
Прашањето што останува отворено е како овие млади луѓе ќе се интегрираат по излегувањето. Ако системот не им обезбеди механизми за промена, ризикот од повторно криминално однесување се зголемува. Тоа не е само индивидуален проблем, туку општествен.

Дополнителен сигнал за сериозноста на ситуацијата е порастот на самоубиства и обиди за самоубиство во затворите. До крајот на 2025 година се регистрирани 59 обиди и осум случаи со смртен исход. Во тековната година веќе имало 18 обиди и шест самоубиства. Овие бројки укажуваат на систем во кој затворениците се под силен психолошки притисок.

Граѓаните индиректно ги плаќаат овие слабости. Лошата реинтеграција значи поголем ризик за јавната безбедност. Секој неуспех на системот се враќа како нов предизвик за општеството. Тоа создава циклус што тешко се прекинува.

Очигледно е дека, зголемувањето на капацитетите без паралелно вложување во кадар, услови и програми не е решение. Тоа е краткорочна мерка со долгорочни последици. Ако не се направи суштинска промена, системот ќе продолжи да се движи кон границитe на својата издржливост. Во прашање не е само ефикасноста на затворите, туку и способноста на државата да обезбеди вистинска втора шанса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот