Премиерот Мицкоски уште првиот ден се фати за лопата

Во бледата собраниска седница, СДСМ се одважи и ги критикуваше составот и владината програма, за разлика од конститутивната собраниска седница која ја одмолча. Европскиот фронт, пак, предводен од ДУИ, го „преспа“ изборот на владиниот кабинет на новиот премиер Христијан Мицкоски.

Со ветувања за куп пари и инвестиции кои ќе ја кренат македонската економија, со изјава дека е „присилен“ секогаш кога ќе мора, дома и во странство, да го употребува уставното име, како и со повторување на „бетонираната позиција“ дека промена на Уставот под бугарски диктат ќе нема, Христијан Мицкоски, по примопредавањето на функцијата со техничкиот премиер Талат Џафери, го почна мандатот како 13-ти премиер. Веднаш потоа, Мицкоски постави камен-темелник на нова спортска сала во Штип.

Инаку, во бледата собраниска седница за избор на новата, 20-та влада по ред, СДСМ се одважи и ги критикуваше составот и владината програма за разлика од конститутивната собраниска седница која ја одмолча. Европскиот фронт, пак, предводен од ДУИ, по силните негодувања и најави дека не прифаќа победникот на изборите да е во опозиција, го преспа изборот на владиниот кабинет на Мицкоски. Лидерите Али Ахмети, Зијадин Села, Мендух Тачи не се ни одважија од говорница да го одбранат легитимитетот на победници. Лути поради фактот дека не се дел од Владата, како што излегоа и не гласаа за конституирање на Собранието, така и овојпат ја напуштија салата и пред гласањето на новиот состав на „Илинденска бр. 2“. „За“ владата предводена од Мицкоски гласаа 77 пратеници, против беа 22 пратеници од СДСМ и од Левица.

Мицкоски во обраќањето пред пратениците пред гласањето на Владата рече дека нема време да губи на критиките од опозицијата, бидејќи се депласирани и не ги засегаат граѓаните.

Дводневната расправа сведена на две тези

Дводневната расправа на опозицискиот СДСМ ја сведе на две тези – Преспанскиот договор и вратете го името, како и на францускиот предлог и на преговарачката рамка.
Мицкоски истакна дека ја прифаќа реалноста и ќе го користи уставното име во официјалната комуникација, но не и во настапите дома и изјавите во јавноста, иако додека беше во опозиција тврдеше дека нема да ја користи придавката „Северна“. Тој и целиот владин кабинет ова го потврдија при давањето на свечената изјава, односно се заколнаа дека ќе ги почитуваат законите и Уставот на Република Северна Македонија.

За критиките од опозицијата за втората теза – Преспанскиот договор – дека викале една работа, а правеле друга, Мицкоски ја нарече лажна и срамна и повтори дека додека е тој премиер „ваков бугарски диктат под вакви околности нема да помине и нема да има уставни измени“.

Фото: Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

– Еве, уште еднаш да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени, треба тоа да ви е јасно. Направивте грешка, таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија затоа што тогаш, пред да влегувате во такви авантури, требаше да седнете како што јас ви подавам рака, требаше вие нам да ни подадете рака и да седнеме да разговараме. Тогаш ќе беше јасно дека таа работа, така како што вие или некој друг ја замислил, едноставно не врви. Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам, ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата, затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што ѝ го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и на моите неродени внуци и на тие по нив. И да, ќе правам сè додека сум жив политички и како човек, сè што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен и како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка, затоа што таа, за жал, е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам – рече Мицкоски.

 Мицкоски: Владата ќе ги подигне стандардите веќе во првите 100 дена

Новиот премиер вети дека неговата Влада ќе ги подигне стандардите веќе во првите 100 дена, дека ќе работи напорно и ќе се погрижи земјата да се промени, да оди напред, дека ќе ги почитува граѓаните. Мицкоски вети макотрпна работа, намалување на даноците, зголемување на пензиите, над 200 милиони евра за општински проекти, милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции, бесплатни учебници, фронт против корупцијата, борба за раст до 5 отсто на македонската економија, почеток на капитални инфраструктурни проекти, како и други проекти.

Опозицискиот СДСМ упорно инсистираше на одговор дали новиот премиер ќе го користи уставното име, зашто во експозето не го спомена, туку три пати употреби Македонија и дали ќе има Бугари во Уставот, односно дали земјава ќе го продолжи евроинтеграцискиот пат.

Преку реплики, Европскиот фронт и Вреди се обвинуваа кој го има легитимитетот кај Албанците, а неизбежни беа и нападите за министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ.

Тезата на Европскиот фронт е дека Вреди нема легитимитет и затоа од предизборните средби со косовскиот премиер и лидер на Самоопределување Албин Курти, постизборно завршиле во Влада со проруски и антикосовски настроениот Стоиљковиќ. Вреди пак, возврати дека Стоиљковиќ го наследиле од владите на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ.

Впечатлива е констатцијата на Амар Мециновиќ од Левица за составот на новата влада. Тој рече дека во неа ги има сите „претходни режими“. За Арбен Таравари рече дека бил дел од владата на Зоран Заев, има министри од времето на Никола Груевски, па дури и од времето на Бранко Црвенковски. Најголемата порака од него, како што кажа, е до Министерството за надворешни работи, бидејќи „очигледно дека македонската држава е во опасност“.

Куриозитети на седницата за избор на новата Влада е дека Собранието на кратко остана без струја поради големото невреме кое вчера го зафати Скопје. Дека Мицкоски го темпираше изборот на Владата да не се поклопи и да не го врзуваат со верскиот празник Задушница, но пак, затоа викендот посветен на новата влада се совпадна со Парадата на гордоста.

Мицковски-Џафери /Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Интересен детал од првиот работен ден на премиерот Мицкоски е дека на примопредавањето на функцијата со Џафери тој носеше портокалова вратоврска, што пак, алудира на експремиерот Никола Груевски во времето кога ВМРО-ДПМНЕ се ребрендираше во портикалово. Примопредавања вчера се извршија во сите министерства, освен во МНР бидејќи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски уште на првиот работен ден замина на состанок меѓу министрите за надворешни работи на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во Луксембург.
Новата Влада на Мицкоски е трета по бројот на министри, најбројна беше владата на Љубчо Георгиевски која броеше 27 ресори, 26 министерства имаше владата на Никола Груевски, додека актуелната има 24, односно премиер, 20 министерски позиции и три без ресор.

Испразнети седум пратенички места

Поради изборот на министри се испразнија седум пратенички места, и тоа пет од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и две од Вреди. Собранието најверојатно на утрешната седница за измени на Законот за енергетика ќе ги верификува мандатите на новите пратеници кои се следни на листите на двете коалиции. Нови пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат Велика Стојкова-Серафимовска, пратеничка од претходниот состав, Сергеј Попов, претседател на Унијата на млади сили, Емилија Ангелова, генерален секретар на Унијата на жени, поранешниот заменик министер за култура Драган Недељковиќ, како и Весна Ѓорѓиева. Освен премиерот, пратеничките функции со министерски ги заменија Александар Николоски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриевска-Кочовска Љупчо, Димовски и Иван Стоиљковиќ.
Пратеничката група на Вреди, пак, ќе се засили со уште две дами, и тоа Фериде Хаџиу која доаѓа на местото на министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити и Калтрина Беќири на местото на министерот за социјала Фатмир Лимани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот