Протест во Скопје на родителите на настараданите во дискотеката во Кочани / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Премиерот ќе оди во Кочани на средба со родителите откако тие одбија средба во Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изрази жалење што родителите на загинатите во кочанската дискотека „Пулс“ не ја прифатиле поканата за средба во Владата, но, како што посочи, е подготвен да оди во Кочани, за да разговара со нив. Ова беше истакното во неговиот одговор на новинарско прашање за одбивањето на поканата за средба од страна на родителите, како и дека тие претходно го имале поканато на средба во Кочани.

– Жалам што е таква одлуката. Немам проблем јас да заминам и да појдам во Кочани и апсолутно ќе сторам и какошто правев досега се за да им помогнам онолку, колку што можам да им помогнам. Но, исто така морам да кажам дека сум имал покана да појдам таму и на ваков состанок да поразговарам е лага. Такво нешто нема. Но, еве без разлика ако е ова покана кажувам дека ќе појдам во Кочани и ќе разговарам, ќе се организираме и ќе се договориме. Така да мене не ми претставува никаков проблем, изјави Мицкоски по увидот во градежни активности на детска градинка во Инџиково, во Општина Гази Баба, одговорајќи на новинарски прашања.

Мицкоски порача дека стои на располагање на семејствата на загинатите и на повредените во кочанската дискотека и оти овој случај не треба да добие призма на политика.

– Јас во Кочани некоку пати бев и дента кога се случи тој хорор и сето тоа коешто понатаму следеше. Но, не сакам сега јас за тоа многу да зборувам, бидејќи за мене овој случај не треба да добие призма на естрада, за жал некои политички глодари и некрофили се обидуваат тоа да го направата од опозицијата, рече Мицкоски.

Тој додаде дека тоа е нивна работа и какошто рече ако тие одлучиле со некрофилија и политичко глодарство да добијат политички поени се лажат и за неколку месеци од денеска тоа ќе го видат.

– А еве јас јавно кажувам ја прифаќам поканата, немам јас проблем да појдам и да седам и да разговарам и онолку колку што е потребно да разговарам и да помогнам било што, што можам да помогнам, само на тие луѓе колку -толку да успеам таа болка да им ја ублажам, изјави Мицкоски.

Во писмено соопштение на 9 мај  родителите на трагично починатите деца во дискотеката „Пулс“,информираа дека поканата за средба во Владата на 13 мај 2025 година во 15 часот во Скопје  не ја прифаќаат поради нејзиното доцнење.

-Истовремено, ве известуваме дека премиерот беше поканет од сите родители на починатите деца да дојде во Кочани и таму да се организира средбата, во форма и содржина каква што сметаат за соодветна. Со оглед на тоа дека дел од родителите не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сметавме дека предлогот за средба во Кочани е разумен и оправдан, се вели во соопштението од родителите на починатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Вчера во Кочани се одржа петтиот протестен марш на родителите и блиските на семејствата на загинатите и повредените, порачувајќи дека бараат правда, но дека таа мора да биде неселективна и праведна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот