Премиерата на театарскиот перформанс „Лилит“ ќе се одржи во КСП „Центар-Јадро“

Плакат за премиерата на перформансот

Во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ во Скопје на 4 декември (понеделник), во 20 часот, ќе се одржи премиерната изведба на театарскиот перформанс „Лилит“. Станува збор за првата фаза од театарското истражување насловено „Notebook of Silence“, соработка помеѓу актерката Јасмина Билаловиќ, композиторот Алесандро Ола (Италија/Шпанија) и драматургот Јелена Вуксановиќ (Србија).

Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето.

Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски. Актерката Јасмина Билаловиќ го заснова своето истражување на нејзиниот повеќегодишнен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење (Sounding).

– Звучење (Sounding) е наутички термин кој се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор; поконкретно, „sounding“ значи да се прозвучат длабочините на сликите во енергетските центри на човечкото тело и да се истражуваат архетипските длабочини на мистериозното несвесно – објаснуваат од „Медиа артес“.

Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обременета од судовите на светот.

Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што ѐ, а со тоа се прифаќаа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина.

По текстови на Ришард Ниечим, драматургијата и режијата на перформансот се на Јелена Вуксановиќ, а игра актерката Јасмина Билаловиќ. Композитори на музиката се Алесандро Ола и Маја Стајнберг, сценографијата е на Мартин Манев, а костимите на Павел Маслов.

Носител на проектот е Здружението на уметници Културен центар „Медиа артес“. Проектот е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија и Амбасадата на Швајцарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот