Прелиминарни резултати од изборите во Мостар: Најмногу гласови освоија Коалицијата за Мостар и ХДЗ

На вчерашните локални избори во Мостар, според првите прелиминарни неофицијални резултати, во изборната единица која го опфаќа целиот град Мостар, Хрватската демократска заедница (ХДЗ) освои најмногу гласови, Коалицијата за Мостар е втора, а Хрватската републиканска партија е трета, четврта е БХ блок, и на петто место е Коалиција „Останете овде”, соопшти нешто по полноќ Централната изборна комисија.

– Првото пребројување ќе почне во вторник, на 22 декември. Процесот на гласање се одвиваше во согласност со изборните правила, рече претседателот на ЦИК, Жељко Бакалар.

Според ЦИК, гласале околу 55 проценти од граѓаните. Изборите се одржаа по 12 години, а беа во согласност со епидемиолошките мерки поради пандемијата на Ковид-19. Повеќе од 100.000 гласачи избраа 35 одборници во Градскиот совет на Мостар.

На гласачките ливчиња имаше 370 кандидати, од кои 31 – политички субјекти, 22 политички партии, четворица независни кандидати, четири коалиции и една листа на независни кандидати.

Од Коалицијата за Мостар, која ја сочинуваат Партијата за демократска акција, Алијансата за подобра иднина, Демократскиот фронт, Партијата за БиХ и Босанската патриотска странка, на синоќешната прес конференција, соопштија дека после преброени 28 отсто од гласачките ливчиња, Коалицијата за Мостар освоила 42 отсто од гласовите, 31 процент добил ХДЗ, 11 отсто БХ блок, шест отсто Хрватската републиканска партија и Коалицијата „Останете овде”, составена од Сојузот на независни социјалдемократи и Српската демократска странка – четири проценти.

Денис Звиздиќ, од Партијата за демократска акција, рече дека Коалицијата верува во програмските цели и насоки и дека секој што сака модерен и современ Мостар гласал за градоначалник.

– Не доаѓа предвид Мостар да биде главен град на никого. Мостар е парадигма на државата Босна и Херцеговина, како мултиетнички, антифашистички град, тоа е она што сакаме да го изградиме, рече Звиздиќ. – Нема да се согласиме дека формирањето на Градскиот совет и градоначалникот ќе биде условено со некои други прашања што немаат никаква врска со Мостар. Тоа е нашата цел и нашите очекувања. Сметаме дека д-р. Златко Гузин е најдобрата личност да го води Мостар во следните четири години, рече тој.

Кандидатот за коалиција за Мостар, Златко Гузин, рече дека е задоволен од трендовите, но смета дека треба да се почека за релевантни податоци.

Драган Човиќ, претседател на ХДЗ БиХ, на синоќешната прес-конференција во Мостар, рече дека е дојдено времето Мостар да се гради врз европски темели.

– Длабоко сум убеден дека д-р Кордиќ ќе биде градоначалник на Мостар и дека ќе кажеме дека ХДЗ освои повеќе мандати со повеќе од 20.000 гласови отколку пред 12 години. Се надевам дека ќе најдеме партнери со кои ќе имаме двотретинско мнозинство и ќе ја заштитиме позицијата на хрватскиот народ, рече Човиќ.

На прашањето како ја коментира изјавата на Денис Звиздиќ дека Мостар не е главен град, Човиќ одговори: Мостар, дури и да има пет жители, ќе биде главен град на Хрватите. Треба да разбереме што е главен град. Тука е нашата универзитетска болница, театар, универзитет. Мостар ќе биде главен град на не само Хрватите од Мостар, туку и на другите Хрвати, за разлика од двата народа, кои имаат главен град во Сараево и Бања Лука, рече Човиќ.

Тој уште истакна дека „вратата нема да биде затворена за секој што сака да го изгради Мостар”.

Од Бх блокот, кој се состои од Социјалдемократската партија на БиХ и Наша странка, рече дека се задоволни од изборните резултати на мал примерок на преброени гласови и дека коалицијата ќе биде одлучувачки фактор за формирање на власта. Тие, исто така, изјавија дека Босна и Херцеговина има граѓанска насока и им се заблагодарија на граѓаните за нивниот одзив.

Коалицијата „Останете овде – заедно за нашиот Мостар”, составена од Алијансата на независни социјалдемократи и Српската демократска странка, соопштија дека го поминале цензусот, тврдејќи дека ќе имаат еден одборник во Градскиот совет на Мостар.

Според Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина и Градската изборна комисија на Мостар, 1.717 набљудувачи биле акредитирани да ги набљудуваат изборите во Мостар.

– Ова се можеби најнабљудуваните избори во Европа оваа година, рече Ерик Нелсон, американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина.

Градскиот совет на Мостар се состои од 35 одборници. Одборници се избираат во градската изборна единица, која брои 13 советници и ја опфаќа целата област на Мостар. Покрај тоа, се избираат 22 одборници од шест изборни единици, градски подрачја и тоа 13 од трите мнозински хрватски изборни единици и девет од трите мнозинско бошњачки изборни единици.

Градоначалник на Мостар се избира со двотретинско мнозинство од 35 одборници во Градскиот совет. Ако не биде избран, ќе се организира втор круг на гласање, каде што е потребно двотретинско мнозинство. Во случај и тогаш да не биде избран, мнозинството меѓу присутните одборници на гласањето ќе биде доволно во третиот круг.

Ниту еден конститутивен народ (Бошњаци, Срби, Хрвати) не може да има помалку од четворица ниту повеќе од 15 одборници, а едно советничко место им припаѓа на оние кои не се декларираат како конститутивен народ.

Последен пат избори за Градскиот совет на Мостар се одржани во 2008 година.

Две години подоцна, Уставниот суд на БиХ ги поништи специјалните изборни правила за Мостар, воведени во 2004 година од тогашниот висок претставник на Меѓународната заедница за БиХ, Сер Педи Ешдаун. Според овие изборни правила, шест повоени етнички општини – три хрватски и три бошњачки – беа укинати во Мостар, но тие останаа како градски изборни единици.

Уставниот суд на БиХ донесе таква одлука откако беше поднесена жалба од хрватски одборници во Градскиот совет на Мостар, потсетува Радио Слободна Европа.

Тие тврдеа дека бошњачките изборни единици, иако имаат помалку гласачи од Хрватите, даваат ист број на одборници во Градскиот совет, по што дојде до политички застој.

Според последниот попис од 2013 година, Мостар има околу 105 илјади жители. Тоа е за 21 илјади помалку отколку во пописот од 1991 година, што е последен попис спроведен во Босна и Херцеговина до 2013 година.

Во градот живеат најмногу Хрвати, 48,4 проценти, следени од Бошњаците, 44,2 проценти, па Срби 4,2 проценти, и останати – 3,2 проценти.

Оваа демографска структура на населението е променета во споредба со 1991 година во корист на граѓаните со хрватска националност, кои биле 14 проценти помалку таа година, додека на штета на српското население, кое било за 14 проценти повеќе во истата година, посочи РСЕ.

Извор:МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот