„Преку вода до слобода“: Трагичната судбина на бегалците од Хаити -жртви на грабежи, силувања и закани на патот кон САД

Бегалци од Хаити ја поминуваат Рио Гранде/ Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

Најсиромашната држава во Америка, Хаити не успеа да се опорави по големиот разорен земјотрес во 2010 година, а оваа година во август ги погоди уште еден земјотрес, но и поради политичката нестабилност по атентатот на претседателот Жовенел Моис, предизвика илјадници семејства и поединци да пробаат на илегален начин да стигнат до САД и таму да си ја пробаат среќата.

Сликите како американската гранична полиција со камшици се изживува врз мигрантите од оваа карипска островска држава го обиколија светот. Но тоа е само дел од приказната за нивната трагична судбина на патот кон подобар живот во САД.

Хаиќаните кои имаат нешто повеќе средства можат дел од патот да го поминат со бродови, но повеќето ја користат рутата преку Колумбија, од каде тргнуваат по единствениот копнен пат за САД, преминот Дариен.

Тоа е една од најопасните џунгли во светот, а патот е долг 110 километри. Овој планинско – прашумски регион на југот од Панама и североистокот на Колумбија е опасен дел земја без патишта, но мигрантите , илјадници од нив го одбираат носејќи ги со себе и малите деца.

Мигранти од Хаити од Мексико одат кон САД/ Фото: EPA-EFE/ALLISON DINNER

За агенцијата АФП зборуваше Андре, кој иако е професор по природни науки, решил да замине од Хаити и уште во 2017 со авион се упатил во Бразил и таму останал да живее и работи како обичен работник на фарми. Неговата плата како сезонски работник била многу подобра отколку како професор на Хаити. Иако имал важечка работна виза ушта година дена, сепак одлучил да емигрира во САД.

Раскажува дека најлош дел од неговото патешествие била џунглата Дариен.

„Не ограбија две банди. Првата ми ги зеде сите пари, а другата сакаше да ми го земе мобилниот телефон. Им ги понудил моите лекови против болки наместо телефонот. Многу полошо помина едно семејство што патуваше со две ќерки, немаа доволно пари, па разбојниците им ги зедоа ќерките на возраст од 11 и 12 години и ги силуваа во грмушка, додека родителите беспомошно стоеја и го слушаа плачот на девојчињата“, опишува Андре дел од својата голгота.

Инаку, од август годинава, низ таа џунгла поминале 46 илјади мигранти, што е повеќе од изминатите три години заедно. Но без оглед ана разликите, оние кои немаат виза, тоа им е единствен избор.

Илјадници мигранти од Хаити тргнаа кон САД/ Фото: EPA-EFE/Miguel Sierra

„Само Господ знае што ќе се случи“, вели Роналд Тусен и додава дека „не можат 100 отсто да не ограбат. Некои сигурно ќе патат, но со другите ќе биде во ред“.

И навистина, некои ќе станат жртви на грабеж, насилство, силување на патот низ џунглата. Таква е судбината на мигрантите од сите латиноамерикански земји кои ќе се дрзнат да тргнат по неизвесното патување кон Соединетите американски држави.

Кога ќе се помине џунглата Дариен, нејзиниот панамски дел, патот продолжува кон Мексико. Единствена утеха таму им се лекарите од кампот на „Лекари без граници“ кои им нудат помош на семејствата со деца. Најмалите мигранти по долгиот и исцрпувачки пат се дехидрирани, омалаксани, ги мачи повраќање, дијареа и температура.

А во Мексико, покрај границата со САД ги дочекуваат во кампови во кои редовно добиваат хумантарна помош, каде малку здивнуваат, но се плашат од депортација.

„Утрово околу 4 часот не разбудија и сфативме дека не опкружила полиција. Доаѓаа помали и поголеми автобуси, полицијата ни се приближи“, вели Соња Пјер од Хаити која во тој момент помислила дека ќе биде депортирана назад, но каде, Хаити е земја без власт.

Мигрантската криза во Америка не запира, а администрацијата на Бајден доживеа фијаско во споредба со центрите на мигранти кои ги водеше неговиот претходник Доналд Трамп.

Специјалниот пратеник на САД во Хаити Даниел Футе поднесе оставка разочаран од она што го виде на реката Рио Гранде.

„Не сакам да ме поврзуваат со нехуманата, контрапродуктивна одлука на САД да депортира илјадници бегалци од Хаити во земја во која дури и американските дипломати имаат строги рути по кои смеат да се движат поради опасноста која во секојдневниот живот им ја носат вооружените банди“, напиша Футе во својата оставка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот