Преиспитување на перцепцијата на вистината со претставата „Стапица за глувци“ во Прилепскиот театар

Сцена од претставата „Стапица за глувци“

Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 22 декември премиерно ја изведе претставата „Стапица за глувци“ во режија на Борис Василески. Претставата е работена според делото на Агата Кристи со драматургија и превод на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, сценографија и дизајн на светло на Мартин Манев, костимографија на Марта Дојчиновска и музика на Томе Темелкоски, а дизајнот на плакатот е на Илина Василеска.

Во претставата играат Сара Спиркоска, Илија Волчески, Дарко Карбески, Марија Спиркоска Илијеска, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Михајло Миленкоски и Димитар Ѓорѓиевски.

– Кога неправдата не се разрешува на задоволителен начин и кога злосторникот не ја добива соодветната казна, тогаш се раѓа желбата за одмазда. Токму оттука почнува оваа приказна, која ја испитува човековата перцепција на вистината. Секој мисли дека неговата перспектива е правилната, но што е, всушност, вистината? Како се манипулира со човековите мисли и зошто е толку лесно човек да биде наведен да размислува во погрешна насока, да си направи приказна во главата и да поверува во неа?

Сомнежот е фрлен врз секого и секој претставува потенцијална опасност, затоа што секој има своја скриена приказна. Претпоставките, едноставно, мора да бидат преиспитувани. Пред вас поставуваме предизвик – да се обидете да откриете кој е убиецот и да дознаете дали вашите почетни сомнежи биле точни. Можеби и самите на крајот ќе се изненадите. Во секој случај, не откривате им кој е убиецот на оние кои не ја гледале претставата. Нека остане тајна! – стои во експликацијата за претставата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 212, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 06-08.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот