Преговорите за ЕУ не може да зависат од Историската комисија, вели историчарот Тодоров

Петар Тодоров / фото: ТВ Сител/принтскрин

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија може да даде свое експертско мислење за одредени теми поврзани со историското образование во двете држави, и одредени препораки, но не и да решава политички проблеми, вели членот на македонскиот дел на Комисијата Петар Тодоров, додавајќи дека одредени политички изјави оставаат погрешен впечаток дека од Комисијата зависат преговорите за членство во ЕУ.

Ние не сме политичко тело и не ги гледаме работите низ политичка призма и како политички процес, нагласува Тодоров Затоа, вели тој, не може да се очекува од Комисијата и од нејзините членовите од двете страни, да решаваат политички прашања.

-Тоа е одговорност на политичарите. Се доби впечаток во јавноста дека преговорите за ЕУ ќе зависат од нас. Еднаш веќе имамвме ваква ситуација во минатото, конкретно тоа беше октомври 2021 година, еве повторно сега сведоци сме на тоа. Комисијата може да даде свое експертско мислење за одредени теми поврзани со историското образование во двете држави. Комисијата не може да ги реши политичките проблеми, тие проблеми ќе си ги решаваат политичарите, затоа тие излегуваат на избори и бараат да добијат функции, а со тоа и одговорност за да ги решаваат тие проблеми. Ние може само да помогнеме. И тука завршува нашата улога, рече Тодоров во гостување на ТВ Сител.

Тој нагласи дека последниот состанок што изминатите два дена се одржа во Скопје, и претходниот во февруари во Софија се одвивале во конструктивна атмосфера.

–Ние како историчари почнуваме повеќе да си уважуваме мислења, дека постојат различни мислења, различни погледи за одредени прашања во минатото и тоа е по мене многу добар чин, добар момент кој овозможува ние како Комисија да кажеме дека се средбите се одвиваат во конструктивна атмосфера, дека има подобра комуникација во самата Комисија, што овозможува во иднина да го затвориме овој пакет препораки за учебници кои се однесуват за шести клас во Бугарија и седмо одделение кај нас во Македонија. Тоа е историски период кој се однесува на средниот век и раниот османлиски период, рече Тодоров.

Тој додава дека на средбите не се разговара за идентитетски прашања, ниту пак дека како Комисија зборувале за пренесување на моштите на Гоце Делчев од Скопје во Софија.

–Тоа се недобронамерни шпекулации кои имаат цел да му наштетат на процесот. За Гоце Делчев не станало збор, поради тоа што последно време фокусот ни е ставен на учебниците и сакаме да го искористиме овој добар момент, да успееме да го завршиме овој пакет учебници за шести клас во Бугарија и седмо одделение кај нас во Македонија. Така што тука сме фокусирани, а теми како мошти на Гоце Делчев и слично тоа се бесрамна лага, истакна Тодоров.

Тој вели дека на состаноците на Комисијата не станало збор ниту за тоа чиј е Цар Самоил.

-Ние како Комисија, немаме никогаш таков пристап, ниту сакаме да имаме таков пристап, тоа е кажано многу пати. Наша работа не е да бидеме матичари, па да одредуваме етничка припадностна луѓе, особено на луоѓе коишто живееле пред 10, 11 века. Наша работа е да видиме какви структурални проблеми постојат во учебниците кои би можеле да се подообрат како би придонеле за едно историско образование кое нема да поттикнува поделби, кое нема да поттикнува омраза кон други народи, рече Тодоров, кој додаде дека за Цар Самоил уште пред две и пол години е договорено само заедничко чествување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот